Најскапиот автопат во Германија беше отворен во Берлин во среда, објавија германските медиуми. По 12 години изградба, првите автомобили и мотоцикли поминаа по мазниот асфалт на сосема нов дел од градскиот автопат А100 во Берлин. Делницата од 3,2 километри ја поврзува раскрсницата Нојкелн со раскрсницата Трептов – и, со трошоци за изградба од повеќе од 720 милиони евра, е најскапата автопатска делница во Германија.
Тоа значи дека се потрошени 225 милиони евра по километар. Главната артерија на Берлин „А100 е главната артерија на нашиот град – оваа делница ќе го намали притисокот врз станбените области“, рече градоначалникот на Берлин, Каи Вегнер. Автопатот сега ја поврзува раскрсницата Нојкелн со паркот Трептов и делумно поминува низ тунел. Целта на изградбата на автопатот беше да се подобрат врските со источен Берлин, а во исто време да се намали метежот на улиците во центарот на градот.
За таа цел, беа изградени 25 нови мостови, беа поставени модерни звучни бариери и базени за задржување на дождовница. Се користи и сончева технологија, која, според Aутобан ГмбХ, заштедува околу 84 тони CO2 годишно. Се очекува дека во иднина по новата делница ќе патуваат до 180.000 возила дневно, објави Феникс магазин.



