Една година Влада: Добро за почеток недоволно за пресврт

Владата ја одбележа годишнината од својата работа со голема помпа и нагласени „радосни” вести за граѓаните. Во својот говор премиерот Христијан Мицкоски рече дека Владата успеала во првата година да ја стабилизира и подигне економијата, ги зголемила платите и пензиите, изградила неколку патишта а на политички план како успех го истакна договорот за стратешко партнерство со Велика Британија. На листата на успеси го додаде и податокот дека во три последователни квартали земјава под водството на неговата Влада има раст на домашниот бруто производ од три проценти, дека на општините им се ставени на располагање 500 милиони евра (од унгарскиот заем) и дека минатата 2024 година завршила „со историски највисок износ на странски директни инвестиции од милијарда и 255 милиони евра”.
Партискиот маркетинг на владејачката ВМРО-ДПМНЕ се пофали и дека пензиите се зголемија за 5.000 денари линеарно за сите пензионери, 10 проценти покачување добија и вработените безбедносниот сектор, дека е постигнат и „историски договор” со синдикатите во здравство и образование, при што прв пат има раст на платите на сите вработени во јавно здравствените и образовни установи. До сега, платите во образованието се зголемиле за 12 проценти, а до крајот на мандатот е предвидено да пораснат до 46 проценти, додека во здравство до сега платите на сите вработени се зголемени за 15 проценти.
Но дали овие бројки го направија подобар животот на граѓаните? Одговорот е не, затоа што синдикатите велат дека граѓаните првата година од мандатот на актуелната Влада го завршија со минимална потрошувачка кошничка од 62.691 денар за едно четиричлено семејство и дека за овие трошоци не се доволни ни две минимални плати од 24.379 денари.
Во типичен стил на балкански политичар премиерот Мицкоски како што наближуваше годишнината од владеењето сѐ почесто повторуваше дека македонската економија се искачила на 4-то место во Европа според растот на бруто домашниот производ и се  наоѓа веднаш зад Ирска, Данска и Полска. Но и тоа тврдење наиде на потсмев надвор од кампот на ВМРО-ДПМНЕ, пред сѐ поради намалената куповна моќ на граѓаните и галопирачкиот раст на цените.
Подалеку од ЕУ
На политички план, пак, Владата во првата година ја оддалечи Македонија од ЕУ, иако се обидува тоа да го минимизира преку други политики. Со изјавите на Мицкоски дека додека тој е премиер нема да има уставни промени под условите во преговарачката рамка, кризата во евроинтеграциите се продлабочи, а Македонија е на пат да изгуби уште една декада во полемики за тоа кои сме и што сме. Видливо е дека Владата неформално веќе ја напушти преговарачката рамка за членство во ЕУ поради што е и неизвесно дали воопшто ќе продолжат преговорите за време на мандатот на оваа власт. Тоа ја става Македонија во неповолна позиција и во регионот и пошироко, и ја враќа во времето кога некогашната влада на ВМРО-ДПМНЕ предводена од Груевски направи комплетен застој во евроатлантските интеграции на земјава. Оваа празнина Мицкоски и тимот околу него се обидуваат да ја пополнат со непродуктивни дискусии и трчање во место како што е Извештајот на Вајц кој нема никаква важност во процедурите за преговори и прием на земјата во ЕУ. Исто така во политичкиот простор се внесува и темата за преговори и средби со бугарското раководство кои ја збогатуваат политичката агенда на нашата дипломатија но во суштина не ја водат државата напред ниту пак и го расчистуваат патот до Европа бидејќи тој е веќе утврден преку преговарачката рамка.
Инвестирање во рејтингот
Во изминатата година Владата инвестираше во својот рејтинг преку три чекори:  унгарскиот кредит од една милијарда, специјални односи со новата американска администрација и стратешкото партнерство со Обединетото Кралство. Засега нема видливи резултати од ниту еден од овие проекти, освен што унгарските пари влегоа во локалните самоуправи од каде полесно може да се претворат во гласови на локалните избори.
Она пак што и нанесе тежок удар на Владата беше трагедијата со пожарот во Кочани бидејќи се случи во време кога управуваше со институциите чие нефункционирање е причината за страотниот настан. Во говорот Мицкоски рече дека не можел да ја спречи трагедијата во Кочани но дека ќе стори сѐ за да не се повтори такво нешто. Тоа е добра и охрабрувачка порака но на терен не се гледаат големи промени во стилот на раководењето со институциите и нема зголемен инспекциски надзор над објекти кои имаат потенцијал за слични катастрофи.
Според платформата „Компас“ на Фајнанс тинк и група невладини организации Владата досега исполнила само четири од вкупно 43 ветувања или само 9 проценти. Ако продолжи со таква динамика за целиот четиригодишен мандат би исполнила 16 од 43 ветувања, што е провизорна бројка но и доволно илустративна за да се види расчекорот меѓу ветеното и оствареното.
Во Македонија стана пракса секоја влада што ќе дојде да вели дека почнала од нула и дека претходната влада ја уништила државата. Така и сега Мицкоски рече дека изминатата година била нов почеток за државата, градење темели и расчистување на рушевини. Патетиката е очигледно сѐ уште придружен елемент во јавните обраќања на политичарите во обид да ги освојат граѓаните со емоции наместо со дела. Владиниот слоган по повод годишнината беше дека најдоброто допрва ќе се случи. Значи имаме што да чекаме.

Пронајдете не на следниве мрежи: