Неколку лица загинаа, а неколку други се повредени во експлозија и пожар што се случија ноќеска во бар во познатиот швајцарски скијачки центар Кран-Монтана, потврди полицијата. Експлозијата се случила околу 1:30 часот по локално време во барот „Ле Констелашн“, а причината сè уште е непозната, објави Би-Би-Си.
Според информациите од полицијата, експлозијата се случила додека во барот се одржувала новогодишна прослава, а внатре имало повеќе од 100 луѓе, јавува швајцарската радио станица Рона ФМ.
Сведок на инцидентот изјавил за радиото дека голем број екипи за итни случаи пристигнале на местото на настанот, а неколку хеликоптери учествувале во грижата и транспортот на повредените.

„Имаше експлозија од непознато потекло“, изјави за АФП портпаролот на кантоналната полиција, Гаетан Латион. „Има неколку повредени и неколку мртви“, додаде тој.
На социјалните мрежи се шират видеа од пожарот на таа локација. Властите воспоставија и телефонска линија за помош на семејствата погодени од несреќата.
Кранс-Монтана е луксузен скијачки центар сместен во срцето на швајцарските Алпи, во регионот Вале, на приближно два часа возење од главниот град Берн.



