Елена Митревска назначена за директорка на хоровите на Данското радио

Македонската диригентка Елена Митревска од 1 јануари ќе ја преземе функцијата уметничка директорка на двата хора на Данското Радио. „Ние сме воодушевени што започнуваме ново блиско партнерство со Елена Митревска како уметничка директорка. Со нејзината импресивна уметничка визија, креативност и меѓународно искуство, таа е идеален избор за оваа позиција, а позитивниот однос кој го има веќе стекнато со нашите пејачи е дополнителен плус“, истакна Ким Бор, директорка на Државниот сервис. Елена Митревска, по петгдишно искуство во Скандинавија, го изрази своето восхитување кон уникатната хорска традиција на регионот и ја искажа својата возбуда што ќе има можност да ги истражува музичките корени на хоровите на ДР. „Овие ансамбли се познати меѓународно по нивниот уникатен звук, кој е вкоренет во цврста традиција и во ценетото данско музичко наследство кое ќе го продолжиме да го негуваме“, додаде Митревска.
Таа смета дека е од круцијално значење да се гледа напред и соработката со современите композитори да помогне во обликувањето на хорската музика на иднината, поттикнувајќи ги следните генерации. Елена Митревска заврши студии по хорско и оркестарско диригирање на Универзитетот за музика и изведувачки уметности во Виена, каде дипломираше со одличен успех. Како член на Хорот Арнолд Шенберг во Виена, учествуваше седум сезони во оперски и концертни репертоари заедно со истакнати диригенти како Николаус Харнонкурт, Клаудио Абадо, Бернард Хаитинк, Сајмон Ретл, Рене Јакобс и Корнелиус Мајстер.
Од 2012 година таа работи како асистент-диригент и хор-мајстор за продукции на Theater an der Wien, а во декември 2014 година ја доби наградата од Фондацијата Ервин Ортнер за поддршка на млади таленти во областа на хорското диригирање. Во нејзината кариера диригирала со различни оркестри, вклучувајќи го камерниот оркестар Jeunesses Musicales Macedonia, Виенскиот камерен оркестар, Македонската филхармонија, Овиедо Филхармонија и Оркестарот на Операта во Малме. Во ноември 2022 беше поканета како диригент на продукцијата на Дон Џовани во Операта во Овиедо, при што беше и хор-мајстор од 2016 до 2020 година. Понатаму, во 2021 година беше гостин хор-мајстор во Националната опера Лион, Франција. Тековно, од 2020 година, продолжува со истата функција во Операта во Малме, каде што има претстојни продукции, вклучувајќи ја операта Кармен од Жорж Бизе за сезоната 2025/26. Редовно е поканувана за проекти со Хорот на Данското национално радио и Данскиот национален вокален ансамбл.
The post Елена Митревска назначена за директорка на хоровите на Данското радио appeared first on 365.mk.

Пронајдете не на следниве мрежи: