Ердоган за терористичкиот напад во Истанбул: Турција ја продолжува одлучната борба против сите терористички организации.

– Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, изјави дека починало едно од ранетите лица во денешниот терористички напад пред зградата на судот во Истанбул и порача дека како земја, ќе ја продолжат одлучната борба против сите терористички организации и оние кои ги поддржуваат.

Во рамките на одбележувањето на првата годишнина од разорните земјотреси на југот од Турција, Ердоган вчера во Кахраманмараш учествуваше во програмата за врачување на клучевите на новоизградените станови. Во таа прилика турскиот претседател го коментираше денешниот терористички напад што се случи пред зградата на судот во Истанбул и во кој се ранети шест лица, од кои тројца се полицајци.

Честитајќи им на безбедносните сили кои со брзата реакција не им дозволиле на терористите да ја постигнат планираната цел, Ердоган рече дека полицијата ги неутрализирала двајцата терористи, маж и жена, и го спречила нивниот подол терористички план.

„Турција ќе ја продолжи својата одлучна борба против сите терористички организации и нивните поддржувачи, без правење каква било разлика меѓу нив. Го молам Господ за брзо оздравување на нашите повредени. Посакувам божја милост за починатиот. Ги бакнувам челата на нашите херојски полицајци“, рече Ердоган, пренесе Анадолу.

Потсетувајќи дека разорните земјотреси ја потресле Турција на денешен ден минатата година, Ердоган рече дека тоа е најголемата катастрофа во историјата на земјата и дека болката и сеќавањата на таа трагедија не избледуваат.

Турција на 6 февруари 2023 година, во 4:17 часот наутро по локално време, ја потресе земјотрес со интензитет од 7,7 степени во подрачјето Пазарџик во областа Кахраманмараш, а во 13:24 часот со епицентар во местото Елбистан, се случи и вториот земјотрес со интензитет од 7,6 степени според Рихтеровата скала.

Потсетувајќи дека овие земјотреси се забележани како едни од најшокантните катастрофи во човечката историја како според интензитетот, така и според близината до површината и според густината на населеноста во зоната на потресот, Ердоган истакна дека факт е што повеќе од 90 % од зградите урнати во зоната на земјотресот се изградени според стандардите пред 1999 година и дека тоа дополнително ја зголемило големината на катастрофата.

Во „катастрофата на столетието“, која ги погоди турските области Кахраманмараш, Хатај, Османије, Адијаман, Дијарбакир, Шанлиурфа, Газиантеп, Килис, Адана, Малатја и Елазиг, животот го загубија 53.537 лица, a 107.213 се повредени.

„Фала му на Господ, нашиот народ благодарение на солидарноста на столетието успеа да застане на нозе по оваа катастрофа на столетието“, рече Ердоган.

Тој додаде дека земјотресите директно погодиле близу 14 милиони луѓе во 11 турски области, 124 окрузи и дека малку држави и народи по ваква катастрофа би останале на нозе како што тоа го стори Турција.

„Сите заедно видовме и бевме сведоци дека дури и најразвиените земји на светот со години беа беспомошни пред слични катастрофи. Фала му на Господ, на првата годишнина од земјотресот, дојдовме до ситуација каде урнатините се отстранети, направен е значителен напредок во обновата на градовите, а луѓето повторно држат до животот. Затоа 6 февруари, освен сеќавањето на нашите загуби во потресот, како ден ќе го паметиме и како датум кога ја докажавме својата национална солидарност наспроти катастрофата. Претворајќи го овој болен датум во ден на катастрофата и националната солидарност, се надеваме дека нашата иднина ќе ја градиме на побезбеден, посигурен и попросперитетен начин со лекциите што ги научивме од минатото“, рече Ердоган.

Претседателот на Турција, исто така, рече дека во Кахраманмараш на жителите им се предаваат клучевите на 9.289 новоизградени станови, а до крајот на годината таа бројка ќе надмине 200.000.

На годишнината од разорните земјотреси Ердоган најави дека Кахраманмараш станува втор центар на одбранбената индустрија и еден од центрите за вселенски истражувања на Туркије, што на овој регион ќе му овозможи брзо закрепнување и економски развој.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.