ЕУ, бриселската маса и „членство од втор ред“ .

Притисокот на руско-украинската војна, геополитичките предизвици во 2025 та создаде  нов моментумот за проширување. Навидум не само што го забрза пристапувањето на Грузија, Молдавија и Украина кон ЕУ, туку донесе и нов живот во застојаниот пристапен процес на земјите од Западниот Балкан. Тоа ја роди идејата за прием на нови членки во ЕУ до 2030 година, што прв ја промовираше претходниот претседател на Европскиот совет, Шарл Мишел уште во август 2023 година, анализира бриселската редакција на МИА.  Од тогаш тоа стана мантра на ЕУ и му даде поттик на проширувањето.
Но, во услови на војната што сè уште трае во Украина, интензивираната руски хибридни закани и новите политички ветришта од Вашингтон, декларираната посветеност на проширување набрзо ги покажа своите пукнатини.
Според бриселскиот тинк-тенк Бројхел, политиката на проширување на ЕУ сè повеќе станува заложник на домашните политички случувања во некои земји од ЕУ, што може да доведе до блокади на процесот на проширување, имајќи ја предвид потребата од консензус при носењето одлука за премин во секоја следна фаза.
Имено, постојат над 150 точки во текот на пристапните преговори кога една земја членка на ЕУ може да го употреби правото на вето за блокирање на држава кандидат за членство.
– Четири потенцијални членки на ЕУ, особено станаа жртви на ветото. Северна Македонија речиси 15 години беше блокирана од Грција, која бараше промена на името на земјата. Оваа пречка беше отстранета со Преспанскиот договор од 2018 година, но во 2020 година Бугарија го иницира прашањето за наводните бугарски корени на македонскиот народ и јазик, барајќи измени во Уставот. Северна Македонија е оценета како подготвена да го започне процесот на усогласување со правната рамка на ЕУ, но Бугарија ги блокира преговорите, наведува Бројхел.

Во меѓувреме, Унгарија го одложува стартот на преговорите со Украина за прашања поврзани со положбата на унгарското малцинство во земјата. Дополнителна контроверзи во однос на кандидатурата на Украина е што станува збор за држава која сè уште е во војна. Молдавија, која неформално е во пакет со Украина во процесот на проширување, стана колатерална жртва на унгарското вето.
На ударот на ветото е и Косово, кое сè уште не може да добие формален статус на кандидат за членство во ЕУ, бидејќи пет земји членки – Грција, Кипар, Романија, Словачка и Шпанија, не ја признаа неговата независност.
Во вакви услови, само на две од 10-те кандидатки или потенцијални кандидатки за членство – Црна Гора и Албанија, барем засега, им се даваат изгледи за пристапување во ЕУ во следните години.
Покрај веќе четирите споменати жртви на блокади од страна на земји членки, напредокот на останатите земји е успорен поради домашни политички проблеми. Така, Грузија по демократското насадување во последната година и одлуката на Тбилиси за еднострано замрзнување на пристапниот процес, се смета само како „земја кандидат на хартија“. Пристапниот процес на Турција е замрзнат поради демократско назадување и непочитување на принципите на владеење на правото и човековите права. Босна и Херцеговина е парализирана од политичката криза и неможноста да ги исполни условите за пристапување во ЕУ. Србија, пак, која исто така се соочува со политичка криза, но и масовни протести, дополнително мора да постигне напредок во дијалогот за нормализација на односите со Косово, како услов за напредок на европскиот пат.
Идеи за забрзување на проширувањето
За да се забрза проширувањето на ЕУ во оптек се две идеи, по кои се очекува да се дебатира во текот на 2026 година како можни опции за дополнително поттикнување на пристапниот процес и остварување на амбицијата за ново големо проширување на Унијата до 2030 година.

Првата идеја, неофицијално наречена „ограничување на ветото“ и за која веќе подолго време се говори во кулоарите на ЕУ, јавно ја промовираше претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта.
Според оваа идеја, одлуките за започнување и завршување на фазите од преговори би се носеле со квалификувано мнозинство, односно најверојатно со поддршка од најмалку 55 отсто од земји членки (во моментов тоа е 15) во кои живеат најмалку 65 проценти од населението на ЕУ.
Кога станува збор за старт и затворење на преговорите и натаму би била потребна одлука донесена со консензус од страна на сите земји членки.
Ваквиот предлог се смета за „разумен компромис“, бидејќи на земјите членки и натаму би им се оставила можност за вето и блокирање на пристапот на некоја од кандидатите за членство, но би се овозможило забрзување на преговарачкиот процес и побрзо завршување на преговорите.
Но, во однос на овој предлог постојат толкувања дека тој не е во согласеност со Договорот за функционирање на ЕУ. Имено, според овие тврдења клаузулите во Договорот не овозможуваат носење на одлуки со квалификувано мнозинство за проширувањето, па за усвојување на ваквиот предлог би било потребно претходно менување на овој документ.
Тоа пак претставува дополнителен проблем, бидејќи покрај што е потребен консензус меѓу сите членки, во некои земји националните законодавства предвидуваат за измени на договорите на ЕУ нивните граѓани да мора да се изјаснат на референдум.
Од друга страна, постојат образложувања дека во самиот Договор има опции да се најде законска основа за промена на начинот на одлучување за проширувањето.
Втората идеја, која многумина ја сметаат за контроверзна и ја нарекуваат „членство од втор ред“, предвидува ограничени права при гласањето на новите земји членки. Според овој предлог, новопримените земји во ЕУ не би имале право да ставаат вето, како што имаат „старите членки“.
Целта на ваквиот предлог е да се ублажи загриженоста на некои актуелни земјите од ЕУ, кои се скептични кон проширувањето, стравувајќи од пристапување на нови членки кои би го засилиле постојното „блокирачко малцинство“ во Унијата.
Во прифаќањето на ваквата идеја албанскиот премиер Еди Рама отиде и чекор понатаму. Оценувајќи дека станува збор за „добра идеја“, Рама порача дека во замена за членство, Албанија дури би се откажала и од правото на еврокомесар или на европратеници за одреден временски период.
Но, ваквиот предлог не дава никакви гаранции дека ќе ги намали случаите во кои актуелните членки го злоупотребуваат своето право на вето. Од друга страна, тоа би создало „членство во две класи“, кое би можело да трае долго време, ако не и засекогаш, а воедно би било и неправедно бидејќи идните членки би биле казнети за гревовите на актуелните.
….

Пронајдете не на следниве мрежи: