Заврши домашниот карантин на Ангела Меркел

Германската канцеларка Ангела Меркел од денеска повторно е на работа во нејзиниот кабинет во Берлин, по две недели поминати во домашна изолација поради сомнеж за инфицираност со коронавирус.
Портпаролот на германската влада Штефен Зајберт денеска во Берлин изјави дека 14-дневниот превентивен домашен карантин на канцеларката, во кој таа беше ставена по препорака на институтот Роберт Кох, е завршен. Меркел, откако била во контакт со лекар кај кого подоцна со тест е утврдено дека бил инфициран со коронавирус, беше сместена во карантин. Лекарот ја вакцинирал Меркел против бактерија на пневмокока. Оттогаш, Меркел трипати беше подложена на тестза новиот коронавирус и сите три теста беа негативни. Во двонеделниот период канцеларката Меркел државничките должности ги извршуваше од дома.


Владата на Меркел во справувањето со кризата предизвикана од пандемијата на коронавирус презеде драстични мерки за ограничување на јавниот живот, но владиниот кризен менаџмент според последната анкета на јавното мислење на јавниот сервис АРД, Дојчландтренд, го подигна нејзиниот углед. Додека на почетокот на март од работата на владата во Берлин биле незадоволни шест од десет граѓани, сега е обратно, шест од десет се задоволни. Владината коалиција составена од партиите на Унијата, ЦДУ и ЦСУ и од СПД актуелно има поддршка кај населението како ниеден друг владин кабинет од 1997 година досега. Зголемена поддршка бележи и партијата на Меркел, ЦДУ – 34 проценти.
Канцеларката Ангела Меркел пак води на скалата на омиленост кај граѓаните со 63 проценти, следена од министерот за финансии Олаф Шолц од СПД со 63 проценти и министерот за здравство, Јенс Шпан од ЦДУ со 60 проценти.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.