Заврши средбата Заев-Меркел

Премиерот Зоран Заев претпладнево во Берлин ја имаше 40-минутна средба со германската канцеларка Ангела Меркел на која една од клучните теми требаше да биде датумот за почеток на преговорите со ЕУ. По состанокот немаше изјави за медиумите. Засега нема официјални информации кои се пораките од Меркел за очекувањата на Владата во Скопје за одредување датум за почеток на преговорите со ЕУ на претстојниот Самит на лидерите на земјите членки на Унијата на 20 и 21 јуни во Брисел.
Премиерот Заев синоќа од средбата со германските стопанственици во Берлин порача дека одлагањето на почетокот на преговори со ЕУ за земјава ќе има негативни последици. Тоа не само што ќе ја доведе во прашање стабилноста на владејачката коалиција туку и ќе го дополни со гориво ултранационализмот.
-Сметаме дека заслужуваме одлука втемелена на постигнувањата. Одложувањето на таквата одлука ќе се смета за негативно и ќе има негативни ефекти. Која било друга одлука освен онаа за отворање на поглавјата за преговори негативно ќе се одрази на внатрешните политички процеси и ќе ја стави под знак прашалник стабилноста на владината коалиција. Дополнително, ќе ја разбуди разочараноста кај граѓаните, ќе го запре имплементирањето на Преспанскиот договор и ќе нанесе штета на динамиката на реформите. Тоа ќе го дополни со гориво ултранационализмот на нашите претходници во Владата, нешто што јас и моите колеги го отфрливме, рече премиерот Заев.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.