Заврши 21-то издание на Битола Отворен Град

Изминатите четири денови Битола беше во знакот на младинскиот арт фестивал Битола Отворен Град, кој повеќе од две децении обединува, креира и инспирира младинско учество.

Во изминатите 20 изданија овој фестивал беше сцена за 240 културни настани на која згазнаа повеќе од 600 млади уметници од над 40 земји во светот.

Годинава со четирите фестивалски денови, на оваа статистика се приклучија нови учесници и волонтери. На нови три локации, настапија бројни артисти од електронската музичка сцена, промовирани беа две изданија книги „ВО ДИЈАЛОГ, Визуелна и применета ликовна програма на КСП Центар-Јадро (2020-2021)“ и

промоција на монографијата: „МИЗАР Откровенија 1981-2021″ на Тошо Филиповски. Организирана беше и првата Берза на винили на Широк Сокак, а финалето беше во градскиот парк со голем музички хепенинг на кој настапи домашниот бенд ВЕЛ, БAiLDSA од Грција и Helem Neјse од Босна.

Градскиот парк за прв пат беше употребен како локација за концерт и се покажа како одличен потег, илјадници млади луѓе го следеа концертот пред бината и по зелените површини групирани со своите пријатели.

“Радост е да се мотивираат луѓето кои сакаат музика, уметност … и воопшто култура да се активираат во фестивал кој според нас е општествен процес. Процес во кој на симболичен начин спојуваме различни генерации кои поминале и креативни, но и бавни години во општествени промени на ова тло, а оваа година одлучивме после 20 години постоење, целосно да се свртиме кон иднината посветувајќи го фестивалот на новата генерација GenZ како популарно се нарекува и тоа беше вистински погодок, нова енергија, нови идеи и еден нов ветер на младински активизам кој ако пред неколку години тврдевме дека е во криза, сега напротив е во една нова поинаква и убава димензија”-истакна Сашо Додовски извршен директор на МКЦ Битола.

Битола Отворен Град со ова 21 издание кое понуди поинаква програма потврдува дека е културолошка појава во градот оживувајќи ги улиците, дворовите, плоштадите и парковите кои стануваат локации за галерии, постаменти за инсталации, катчиња за арт лаборатории, за креативно пишување, платна за проекции, пултови за диџеи, концерти, мултимедијални програми….

Оваа година фестивалот беше поддржан од Општина Битола во рамките на битолското културно лето Битфест и група приватни компании кои како спонзори застанаа зад истиот.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.