Загрепската полиција објави дека нападот врз калуѓерката, кој беше тема на извештаи во медиумите и социјалните мрежи во последните денови, не се случил. 35-годишната жена сè измислила и си ги нанела повредите со нож што претходно го купила во продавница.
Според официјалните информации, кривичната истрага е завршена во вторник, а утврдено е дека калуѓерката лажно пријавила дека била нападната од непознат маж и ранета со нож. Полицијата наведува дека истрагата брзо укажала на нелогичности во нејзината верзија на настаните.
„Истрагата потврди дека таа самата си ја нанела повредата со нож што претходно го купила во областа на Загреб“, соопшти полицијата.
Хрватските медиуми објавија дека таа имала убодни рани во стомакот.
Жената била отпуштена од болницата „Сестре милосрднице“ еден ден претходно, каде што биле констатирани полесни повреди. Потоа таа поднела полициска пријава тврдејќи дека била нападната на улица во текот на денот од непознат маж. Сепак, брзо се појавиле сомнежи за веродостојноста на изјавата, па истражителите спровеле дополнителни проверки кои потврдиле дека немало напад.
Против 35-годишната жена ќе биде поднесена кривична пријава за лажно пријавување по член 304 од Кривичниот законик. Откако било утврдено дека станува збор за самоповредување, повикана е брза помош, а лекарите одлучиле дека ѝ е потребен понатамошен третман во соодветна здравствена установа.
Ве потсетуваме дека дел од десничарските медиуми во Хрватска објавија дека наводно калуѓерка била нападната од мигрант кој извикувал „Алаху Акбар“, дури и се осврна на наводни медицински наоди. Полицијата ги негираше сите овие тврдења, нагласувајќи дека немаат докази што би ги потврдиле. Соопштението за „нападот“ беше кратко објавено од Владата на Република Хрватска, но набрзо беше отстрането.
The post Загреб: Калуѓерка се самопрободе со нож и пријави дека била нападната од мигрант кој викал „Алаху Акбар“ appeared first on Во Центар.



