Загрижувачки пораст на сексуално преносливите болести во Европа: Бројот на случаи на гонореја е зголемен за 48 отсто

Во Европа е забележан загрижувачки пораст на сексуално преносливи болести, предупреди денеска Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ЕЦДЦ) и повика на зголемена работа на превенцијата.

Во 2022 година, бројот на случаи на гонореја во Европската унија се зголеми за 48 отсто, со 70.881 случаи, сифилис за 34 отсто (35.391) и кламидија за 16 отсто (216.508), покажува годишниот извештај на агенцијата.

– Тоа зголемување е колку изненадувачки, толку и загрижувачко, рече на прес-конференција Андреа Амон, директорка на ECDC.

Таа додаде дека иако овие бројки се големи, веројатно го покажуваат само врвот на ледениот брег, бидејќи, како што рече, може да има послаба регистрација на податоците.

Според неа, тоа се случува поради разликата во практиките за регистрација, а исто така и поради различниот пристап до услугите за сексуално здравје во 27-те земји кои агенцијата ги покрива.

Резултатите укажуваат на итна потреба да се подигне јавната свест за преносот на сексуално преносливи болести (СПБ) и да се подобри превенцијата, пристапот до тестирање и ефективни третмани за да се елиминира овој јавно-здравствен предизвик, соопшти ECDC.

– Треба да го направиме сексуалното образование приоритет , да го прошириме пристапот до услугите за скрининг и третман и да се бориме против стигмата поврзана со сексуално преносливите болести, рече Амон во изјавата.

Таа рече и дека треба да се поттикне систематската употреба на кондоми за време на сексуалниот однос, како и „отворен дијалог“ за сексуално преносливите болести, бидејќи тоа придонесува за намалување на преносот на инфекции.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.