Заев денеска ќе ги достави до Собранието предлозите за испразнетите министерски места во Владата

Премиерот Зоран Заев денеска се очекува да ги достави до Собранието предлозите за испразнетите министерски места во Владата. Засега, не се знае кога ќе се одржи пленарната седница на која би се избрале новите министри и заменици-министри.
Како што вчера по седницата на Централниот одбор најави Заев, за нов министер за финансии е предложена Нина Ангеловска, за заменик-министер за образование и наука Елизабета Наумовска, а за нов заменик-министер за економија е предложен Кире Колемишевски бидејќи сегашниот заменик-министер Кире Наумов заминува на нова функција односно ќе биде директор на Македонската банка за поддршка и развој. За заменик-министер на новото Министерство за политички систем и односи со заедниците е предложен Неџат Мехмедовиќ.
Министерското место за финансии беше испразнето откако со реконструкцијата на Владата беше разрешен министерот за финансии Драган Тевдовски. Со Министерството за финансии, како што тогаш најави, раководеше премиерот Заев, но ваквата негова одлука наиде на реакции од опозицијата, како и од Антикорупциската комисија, по што тој кажа дека со овој ресор ќе раководи додека не биде избран нов министер.
Заменичкото место во Министерството за образование и наука, пак, беше испразнето по оставката на заменик-министерот Петар Атанасов.

 

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.