ЗАЕВ: СЕГА ОТКАКО МИЦКОСКИ ГО ПОПРАВИ ПРОЗОРОТ ВО ИНФЕКТИВНА, ПОДОБРИ СЕ УСЛОВИТЕ ВО БОЛНИЦИТЕ

„Е сега се подобри условите, откако Мицкоски го поправи прозорецот, сега се веќе…“, изјави иронично премиерот Зоран Заев во денешното гостување во „Само интервју“, прашан за условите во болниците во кои се сместуваат ковид-пациентите, наспроти уверувањата на Заев и министерот за здравство Венко Филипче дека има доволно кревети и персонал, а во контекст на изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во вчерашното гостување во „Click Plus“ на „ТВ21“.

Мицкоски, кој 12 дена на Инфективната клиника во Скопје се бореше со ковид-19, изјави дека го поправил прозорецот во соба 302 во која лежел, бидејќи навечер им било премногу студено на пациентите хоспитализирани таму. Тој додаде и дека како човек и политичар ќе работи до максимум за да им овозможи на граѓаните да се чувствуваат барем малку подостоинствено и да имаат подобри услови од тоа што во моментов го имаат.

Заев, очигледно, не се согласува дека не е направено ништо.

„Имаме илјадници евра, стотици милиони денари вложено во реконструкција на клиниките, на болниците во државата, на здравствените домови. И кога ќе направите споредба од пред некои четири години и сега, ќе ги видите резултатите“, рече премиерот, додавајќи дека и самиот многупати присуствувал на отворање на реновирани здравствени установи.

Тој продолжи со ироничен тон за Мицкоски.

„Но, што е убавината тука; Првпат имаме конкретен чекор од Мицкоски да помогне нешто. Досега беше сѐ критичен. Е сега помогна, прозорецот – помош е, за ковид, за здравството, е помош. И го поздравувам, инженер е човекот и океј“, рече премиерот, потенцирајќи дека му верува на Мицкоски дека навистина тоа го направил.

„Јас верувам, можно е. Дома може да ни се случи прозорец да ни зјава, па ќе фатиме ќе го поправиме и него. Така да, убаво е тоа што еве помогнал, го поправил прозорецот и готово. Да не биде само како чистењето на снегот, па испадна и пред него не исчистил, а не па во маало да помогне. Но, поздравувам, реално, сакам да бидам позитивен секојпат. Тоа е конкретна помош“, истакна Заев, повторувајќи го обвинувањето дека во целиот тек на пандемијата опозицијата со ништо не помогнала, и покрај апелите на власта.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.