Закани, туркање и боксови – детали од инцидентот во кој е приведен член на обезбедувањето на Мицкоски!

Малку по полноќ, на булеварот „Свети Климент Охридски“ во центарот на Скопје, додека полицискиот службеник В. Г. од Скопје заедно со петмина други полициски службеници од Единицата за недозволена трговија (ЕНТ) бил на работно место по план за претрес во угостителски објект за пронаоѓање лица инволвирани со дрога, В. Г. прво бил вербално нападнат од Ивица Б., вработен во МВР во Одделот за заштита на определени личности и објекти (ОЗОЛО), а потоа и физички, велат првичните полициски информации за настанот.

Веќе известивме на Ивица Б., полициски службеник и член на обезбедувањето на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, синоќа се обидел да спречи полициска акција во познат скопски локал, по што е приведен.

„Откако Ивица упатил заканувачки зборови кон В. Г., го фатил за раката и заедно со неколку НН лица го истуркал надвор од угостителскиот објект, каде што биле други полициски службеници. И покрај предупредувањата од В. Г. дека напаѓаат полициски службеник кој е на должност, Ивица Б. му задал удар со тупаница во пределот на главата. Ивица бил лишен од слобода. За настанот е известен Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди“, пишува во белешката од инцидентот.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека од она што им е познато станува збор за лична нетрпеливост меѓу двајцата полициски службеници. Од опозициската партија соопштија и дека Ивица Б. ќе биде отстранет од обезбедувањето на лидерот Мицкоски, а побараа и органите без задршка да ги преземат сите потребни мерки за расветлување на настанот и најостро да казнат секаков вид насилство постапувајќи во согласност со законот.

Прв за настанот утрово преку социјалните мрежи извести дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев, кој е од редовите на СДСМ, оценувајќи дека македонската историја не памети ваков случај на поранешен полициски функционер (командант на единицата ‘Тигар’, н.з.) да нападне и да спречи свој колега во извршување службена дејност.

Осуда за инцидентот стигна и од министерот за внатрешни работи во техничката влада Панче Тошковски, кој е кадар на ВМРО-ДПМНЕ. Во објава на Фејсбук, Тошковски вели дека е известен надлежен јавен обвинител по чии насоки се постапува. Тој од службите во МВР побарал „максимално професионално и согласно стандардните оперативни процедури да се постапи, со цел во најбрз можен рок да се расчисти овој случај“.

Од Министерството за внатрешни работи официјално информираа дека настанот се случил доцна синоќа, во 00:40 часот по полноќ, во угостителски објект на подрачје на Општина Центар.

„Полициски службеници од Единицата за недозволена трговија при СВР Скопје го лишиле од слобода И.Б. (43) од Скопје, полициски службеник кој не бил на должност, затоа што физички нападнал полициски службеник кој извршувал службени дејствија. Лицето било приведено во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава“, велат на МВР.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.