Со транспаренти „Закон на хартија, дискриминација во практика“ и „Знаењето нема забранет јазик“ и со албански знамиња попладнево се одржа вториот протест со барање да се полага правосудниот испит на албански јазик.
Протестот почна од Старата скопска чаршија и преку Камениот мост продолжи до Министерството за правда.
Ова е втор протест откако пред околу еден месец се одржа ист протест со исто барање. Организаторите најавуваат дека ќе продолжат со активностите се до исполнување на нивното барање.
Од политичката партија Влен со поддршка за барањето, но сметаат дека студентите Албанци се изманипулирани од страна на опозициската ДУИ.
Копретседателите на Влен, Изет Меџити и Билал Касами вчера на социјалните мрежи објавија идентична порака дека испитот за правосудство наскоро ќе се полага на албански јазик, а денеска од владината прес-служба беше објавено соопштение за нивна средба со премиерот Мицкоски.
Во соопштението од Владата никаде не стои дека правосудниот испит наскоро ќе се полага и на албански јазик, туку дека институциите активно работат на наоѓање на решенија кои ќе бидат целосно усогласени со Уставот и со Законот за употреба на јазиците.
– Беше нагласено дека само преку заеднички, мудар и достоинствен пристап може да се дојде до решенија кои ќе значат напредок, меѓусебна доверба и заедничко чекорење кон иднината. Соговорниците се согласија дека образованието и знаењето претставуваат темел на секоја современа и успешна држава. Оттука, институциите активно работат на изнаоѓање на решенија кои ќе бидат целосно усогласени со Уставот и со Законот за употреба на јазиците, со цел обезбедување правна сигурност и функционалност, се вели во владиното соопштение.
The post Закон на хартија, дискриминација во практика порачаа студентите Албанци од вториот протест за правосудниот испит appeared first on Provereno.



