За плацевите на Водно приведен Новачевски, кумот на Никола Груевски

За плацевите на Водно приведен Новачевски, кумот на Никола Груевски

Пари од партијата употребени за купување на приватни плацеви?

Осомничени се повеќе луѓе…

Се бара притвор или мерки за сите инволвирани.

По наредба на Обвинителството за организиран криминал и корупција полицијата утрово е приведен Ристо Новачевски, кум на поранешниот премиер Никола Груевски, кој се сомничи за сторено кривично дело перење пари со кои се купени плацеви на Водно.

Според Обвинителстовот Никола Груевски незаконски си присвоил најмалку 1,3 милиони евра од донациите за ВМРО-ДПМНЕ додека бил претседател на партијата.

На Груевски, кој е првоосомничен, во перењето на нелегално стекнатите пари му помагале Сашо Мијалков и Орце Камчев, кои се второосомничен и четвртоосомничен.

ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција претпладнево инфомираше за отворање истрага „против шест лица за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело – Перење пари и други приноси“.

Како е изведена операцијата? Груевски во периодот од 2006 до 2012 година дел од донациите за финансирање на партијата ги примал лично и не ги прикажувал како примени донации во финансиските извештаи на партијата и на тој начин присвоил најмалку 1.300.360 евра или 79.972.140,00 денари. Парите потоа се вратиле во оптек преку фирма од Белизе.

Ристо Новачевски, по претходен договор со Груевски, станал управител на фирмата која го купува земјиштето на Водно.

„Во јули 2012 година била основана фирма – ќерка во Скопје на која, по претходен договор со првоосомничениот, станал управител третоосомничениот. На сметката на правното лице во повеќе наврати биле пуштени во оптек средствата прибавени со кривично дело. По постигнување на согласност за купопродажната цена, третоосомничениот во својство на управител на правното лице извршил плаќање кон сопствениците на земјиштето, со што бил прикриен изворот на парите и вистинскиот сопственик на земјиштето со вкупна површина од 11.000м2“, пишува во известувањето на Обвинителството.

Во периодот од 20 јули 2015 до 26 јуни 2019 година, по јавно објавените разговори кои ја откриваат сопственоста на градежните парцели во КО Центар 2, со цел да се прикрие вистинскиот сопственик третоосомничениот како управител на правното лице, ја пренел сопственоста на друго правно лице. Тој, по претходен договор со првооосомничениот, користејќи полномошно издадено од сопственикот на правното лице од Белизе ја пренел сопственоста на правното лице чиј управител е петоосомничениот, а шестоосомниченото лице се јавува како краен сопственик на правното лице. За да се прикрие локацијата, движењето и сопственоста на имотот „новите сопственици“ донеле одлука за преименување на правното лице и одлука за физичка делба на парцелата од 6785м2 на три нови парцели.За да ја прикријат локацијата и сопственоста плацовите биле пренесени на физичко лице без платен удел, но со определен рок од 3 години за исплата на купопродажната цена.

Во утринските часови денеска, третоосомничениот е лишен од слобода и ќе биде изведен пред судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд во Скопје. Обвинителството ќе му предложи на судот на осомничениот да му биде определена мерката притвор. За останатите осомничени судот веќе има изречено превентивни мерки за обезбедување на присуство во други предмети, а првоосомничениот е недостапен на органите на прогон.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.