ЗА ПРАЗНИЦИТЕ – на гости смее да се отиде, ама да не бидете повеќе од четворица ако не сте од исто семејство

За дочекот на Нова Година на гости ќе смее да се оди, но во еден дом не би требало да се групираат повеќе од четири лица кои не се од исто семејство.
Вака би можел да се разбере одговорот што го доби Фактор од Министерството за внатрешни работи, на нашето прецизно прашање како граѓаните ќе треба да се однесуваат за време на новогодишната ноќ, но и во текот на претстојните празници.
Тоа е време во кое секој би сакал да ги посети барем своите најблиски, но изјавите кои на таа тема ги дадоа државните функционери, како и кампањата што се води за одговорно празнување, не беа сосема јасни. Во смисла, дали ќе се казнува и ќе се повикува на кривична одговорност за големи забави со многу луѓе кои се навистина опасни за ширење на вирусот, или, пак, некој ќе може да настрада само затоа што отишол во посета на своите најблиски, со строго почитување на мерките.
Еве што ни одговорија од Министерството за внатрешни работи.


„Согласно Одлуката за изменување и дополнување на одлуката за превентивни препораки, времени мерки, наредени мерки, наменски протоколи, планови и алгоритми за постапување за заштита на здравјето на населението од заразна болест COVID 19, случаите и временскиот период на нивна примена (Службен весник на РСМ, број: 298 од 16.12.2020 година) во точка 12 стои: ‚Се забранува организација и одржување на прослави на јавни места и површини по повод престојните новогодишни и верски празници, како и организација и одржување на каков било друг тип на прослави на отворен и затворен простор од страна на физички и правни лица, особено во периодот од 18 декември 2020 година до 21 јануари 2021 година’“, објаснија од МВР.
Или, како што потенцираат, согласно заклучоците за дополнителни рестриктивни мерки во периодот од 18 декември до 20 јануари, дадени на 30. Седница на Владата, на предлог на Комисијата за заразни болести, поддржани и од Главниот координативен штаб во услови на кризна состојба, тоа практично значи „да нема групирање во домови по повод семејни прослави, слави и други собири, во групи на повеќе од четири лица кои не живеат во истата заедница или домаќинство“, потенцираат од МВР во одговоот за Фактор.
Во гостување за ТВ Сител, пак, министерот за внатершни работи Оливер Спасовски беше уште попрецизен. Тој за граѓаните појасни дека согласно мерките за заштита од ковид 19, не треба да се групираат повеќе од четири луѓе. Движењето за граѓаните нема да биде забрането.
„Ние немаме забраза за движење, тоа треба да го знаат граѓаните. Граѓаните ќе можат слободно да се движат. Во рамките на едно семејство можат да си прават било каква прослава, дали ќе е тоа во сопствениот дом, или може некаде да изнајмат вила, стан, или некаде во туристичките центри. Но, не смеат да се групираат и да прават забави со повеќе од 4 лица. Значи, ако се случува да бидат издадени викендици, станови и слично, во кои ќе има 15,20,30 луѓе како група, тогаш ќе имаме основа за реакција, и тогаш и сопственикот на објектот кој го издал, и оние кои се присутни на една таква забава ќе носат кривична одговорност, бидејќи ги прекршуваат мерките за заштита на здравјето на граѓаните“, рече Спасовски.
Околу бесплатниот телефонски број, пак, за пријавување, кој предизвика реакции на социјалните мрежи, и дел од граѓаните го сфатија како повик да се кодошат соседите, Спасовски рече дека суштина на проектот е МВР да биде партнер со граѓаните.
„Ова не е враќање во друго време, кога власта ги кршеше човековите слободи и права. А, одговорно и партнерско однесување е кога заедно со граѓаните ќе се избориме за почитување на законите и заштита на здравјето. Ова ќе помогне, деновиве имавме многу јавувања од граѓани, кои ни помогнаа да откриеме такви случаи“, рече Спасовски.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.