Згрижени лицата погодени од поплавите во Кичевско, во Ресенско со пумпи се вадеше навлезената вода од подруми, куќи и објекти

По синоќешните обилни дождови кои ја зафатија Македонија и поплавите предизвикани од големата количина на дожд кој наврна, денеска ДЗС информира дека во Кичево се евакуирани жителите кои беа најпогодени од поплавите, а во Ресен се интервенира во поплавените домови и објкети.

„Подрачно одделение на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) Кичево, во овие два дена и сношти, учествуваше во теренските активности за заштита и помош на населението погодено од поплавите во „Прилепска населба“ во Кичево. Конкретно, беа обезбедени и транспортирани 30 полски кревети, а и соодветен број ќебиња од магацинот на ДЗС, што истовремено беа транспортирани со возила на ДЗС и поставени во кичевската спортската сала „Македонија“, каде што веќе беа сместени привремено згрижени лицата погодени од локалната поплава.

Во Ресенско, тим на ДЗС овие два дена и сношти, со пумпи ја вадеше навлезената вода од подруми, куќи и објекти, а во подготвеност беше активиран и тим на ДЗС со два чамца, што за среќа немаше потреба да дејствуваат.

Сите активности за заштита и спасување на населението во зафатените реони од поплава во Кичевско и Ресенско беа реализирани во координација со надлежните институции и локалните служби од Системот за управување со кризи (СУК), со цел навремено и ефикасно згрижување на населението погодено од поплавите.“ – стои во соопштението од Дирекцијата за заштита и спасување.

Пронајдете не на следниве мрежи: