Здружението на судиите на Република Северна Македонија го поздравува објавувањето и го прифаќа како реален и загрижувачки приказ на состојбите во судството Годишниот извештај на Судскиот совет за работата на судовите во 2025 година, особено во делот што се однесува на недостигот на судии, судски службеници и финансиски и материјални ресурси.
Извештајот, според соопштеното, јасно и недвосмислено ја отсликува алармантната состојба во која е доведена судската власт како трета власт во државата.
Од здружението оценуваат дека податоците за недоволната пополнетост на судиските места, драстичниот недостиг на судска администрација и ограничените буџетски средства не се само статистички показатели, туку сериозно предупредување за функционалноста на правосудниот систем и неговата способност навремено да им обезбеди правда на граѓаните.
Загрижува фактот, што, како што велат, и покрај постојаното најавување реформи, донесувањето нови стратегии и менувањето на законската регулатива, реалните услови за работа во судовите континуирано се влошуваат.
„Реформите не смеат да останат декларативни заложби и законски решенија на хартија, туку мора да произведуваат конкретни и мерливи резултати во практиката. Бројките од извештајот покажуваат дека нормативните промени, доколку не се проследени со соодветни ресурси, кадровско зајакнување и функционални решенија, не само што не гарантираат подобрување туку не успеваат да го спречат понатамошното влошување на состојбите.
Здружението на судиите во повеќе наврати досега укажуваше на сериозноста на овие проблеми и предупредуваше дека без итни, системски и долгорочни мерки постои реална опасност од натамошно слабеење на судскиот систем. Денешните податоци се потврда дека предупредувањата не биле неосновани и дека повеќе не смее да се губи време со одложување на неопходните решенија.
Слични забелешки за предизвиците со кои се соочува судството се содржани и во извештаи и анализи на меѓународни организации, мисии и претставници на граѓанскиот сектор. Тие укажуваат на потребата од обезбедување вистински услови за независно, ефикасно и одговорно судство, кое нема да биде оставено да функционира со минимални кадровски и финансиски ресурси. Независноста на судството не се обезбедува само со уставни и законски гаранции, туку и со соодветен буџет, професионална служба и услови за непречено вршење на судиската функција.
Особено значајно е што во рамките на меѓународната поддршка за владеење на правото веќе се идентификувани конкретни насоки и можности за унапредување на состојбите. Меѓу нив се ревидирањето на судската мрежа врз основа на реалните потреби на граѓаните, примената на вештачката интелигенција и дигитализацијата на судските процеси, професионализацијата и кадровското зајакнување на судската служба, како и обезбедувањето финансиска независност преку соодветно и предвидливо судско буџетирање“.
Овие решенија, потенцираат од здружението, не треба да останат само препораки во извештаи и проектни документи, туку треба да бидат преточени во конкретни политики, законски решенија и обезбедени финансиски средства. „Притоа, неопходно е активно учество на судиите и судската администрација во креирањето на реформите, бидејќи токму тие најнепосредно ги препознаваат проблемите и потребите во секојдневното функционирање на судовите.
И покрај ваквите услови, судовите и судиите продолжуваат да ги извршуваат своите законски обврски и да ги решаваат предметите, често со натчовечки напори и со сериозно ограничени ресурси. Нивната континуирана работа и посветеност покажуваат дека, и покрај одливот на кадар, недостигот на судии и зголемениот обем на работа, судството вложува максимални напори за ефикасно постапување и намалување на заостатокот на нерешени предмети, преку професионалност, добра организација и одговорно управување со расположливите капацитети.
Тие примери треба да бидат основа за утврдување и примена на добри практики во целиот судски систем, а не да останат изолирани успеси постигнати благодарение на дополнителниот ангажман на вработените“.
Здружението на судиите потенцира дека судството не бара привилегии, туку услови за достоинствено, независно и ефикасно вршење на својата уставна функција. Крајната цел на сите реформи мора да биде заштитата на правата на граѓаните, навременото разрешување на споровите и јакнењето на довербата во правосудството.
„Затоа, потребни се итни, применливи и мерливи мерки, засновани врз реалните потреби на судовите, позитивните практики во системот и препораките од релевантните меѓународни извештаи. Реформите мора да бидат резултат на стручни анализи, институционален дијалог и долгорочна визија, а не на краткорочни политички цели и декларативни заложби.
Здружението на судиите останува подготвено активно да учествува во процесите за унапредување на судскиот систем и повикува на координирана институционална акција за надминување на состојбите. Одговорноста за обезбедување функционално, независно и ефикасно судство е заедничка обврска на сите надлежни институции.
Правдата не може да биде ефикасна без судии, без професионална судска служба и без соодветни ресурси. Судството не смее да биде оставено да опстанува на работ на своите можности, додека од него се очекува да ги исполнува сите обврски кон државата и граѓаните“.
The post Здружението на судиите: Судството е доведено до работ на функционалниот опстанок потребни се итни мерки, а не реформи само на хартија appeared first on Во Центар.



