Зеленски: Украина ги прави најголемите жртви за Европа

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека од сите земји што се дел од Европската Унија или ќе бидат, Украина ги прави најголемите жртви за Европа.

„Меѓу сите европски нации што веќе се приклучија на Европската Унија или гледаат таква перспектива за себе, Украина е таа што ги прави најголемите жртви за Европа“, рече Зеленски во објава на социјалната мрежа X.

Како што оцени, Киев не само што спроведува внатрешни реформи, ниту едноставно поминува низ трансформација, туку се бори за својата држава, независност и правото да го избере својот пат и да биде Европа.

„Ова наше право е во исто време и право на секој народ во нашиот регион. Се бориме за нашата и нивната слобода, за Европа, за себе и за нив. За балтичките држави и за Полска, за Унгарија и Словачка, за Романија и Молдавија и за народите на Кавказ“, рече украинскиот претседател.

Според него, се одлучува за судбината на Европа.

„Се одлучува во Украина, во оваа војна и во тоа како ќе заврши оваа војна и дали Русија сè уште ќе има сила и желба по оваа војна да го загрози постоењето на Украина и нејзините други соседи, и цела Европа“, рече Зеленски.

Како што вели тој, оваа војна мора да заврши достоинствено и со загарантирана безбедност.

„Ќе разговараме за ова со нашите партнери за време на самитот на Г7 во Франција, а подоцна и на самитот на Европскиот совет и самитот на НАТО во Анкара“, заклучи тој.

Самитот на Г7 ќе се одржи во францускиот град Евиан од понеделник, 15 јуни, до среда, 17 јуни.

Според висок функционер на американската администрација, Доналд Трамп ќе присуствува на работна сесија на Г7 со Володимир Зеленски во Франција во вторник, но американскиот претседател нема да одржи билатерална средба со својот украински колега, објави Гардијан.

„Се очекува Трамп да одржи билатерални средби на маргините на самитот со францускиот претседател Емануел Макрон, како и со лидерите на Катар, Обединетите Арапски Емирати, Египет и Индија“, рече функционерот.

Висок американски функционер кој ги информираше новинарите за патувањето на Трамп под услов да остане анонимен, рече дека руските придобивки „повеќе или помалку се заглавени“.

Пронајдете не на следниве мрежи: