Златко Славенски ќе биде погребан утре, а комеморација ќе се одржи во четврток на ФДУ

Посмртните останки на театарскиот и филмски режисер и професор на Факултетот за драмски уметности во Скопје, Златко Славенски ќе бидат изложени на 10.04.2019. година од 13 до 14 часот во капелата на Градските гробишта во Бутел, а потоа ќе биде погребан.
Комеморацијата ќе се одржи на 11.04.2019. во 12 часот на Факултетот за драмски уметности во Скопје.
Златко Славенски е роден на 08.08.1966 година, во Скопје, каде завршил основно и средно образование. Во 1986 година се запишал на Филолошкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на катедрата за Општа и компаративна книжевност. За да ја задоволи својата потреба да се занимава со режија, во 1988 година ги прекинал студиите и заминал во Велика Британија, каде во Лондон се запишал на студии по филмска режија на познатата филмска школа London International Film School (LIFS). Заради стопирање на државната стипендија во 1990 година го прекинал студирањето во Лондон и се вратил во Македонија. Истата година се запишал на Факултетот за драмски уметности во Скопје, на отсекот за интермедијална режија, во класата на проф. Слободан Унковски и проф. Столе Попов. Дипломирал во 1994 година. Паралелно ги продолжил прекинатите студии од Општа и компаративна книжевност и дипломирал во 1993 година.
Вработувајќи се на Факултетот за драмски уметности – Скопје, како помлад асистент во 1997 г. ја отпочнал и академската кариера. Во 2016 година се стекнал со звање редовен професор.
м-р Златко Славенски беше режисер на голем број театарски проекти и има реализирано повеќе јавно изведени театарски проекти како што се „Безљубни“, „Сината птица“; „Инфинити“ „Кафкаски круг со креда“, „Соларис“, „Супернова“, „Бесови“, „Визија“, „Времеплов“, „И коњите ги убиваат, зарем не?“, „Побрзи од светлината“, „Спиро Црне“, „Летот на пчела околу една калинка, неколку секунди пред будење“, „Троил и Кресида“, „Розенкранц и Гилдестерн се мртви“, „Амадеус“, „Злосторство и казна“, „Пречистување“, „Време за сонување“, „Казабалкан“, „Будење на пролетта“, „Пер Гинт“, „Собрани дела на Вилијам Шекспир“, „Папокот на светот“ и други.
Во текот на својата кариера има добиено голем број награди: награда за најдобра претстава на Македонскиот театарски фестивал (МТФ) “Војдан Чернодрински“ за претставата „Розенкранц и Гилдестерн се мртви“, награда на ревијата “Екран“ за најдобра претстава „Амадеус“, награда на весникот “Нова Македонија“ на МТФ “Војдан Чернодрински“ за претставата “Будење на пролетта“, награда на весникот “Нова Македонија“ за најдобра претстава на Фестивалот “Охридско лето“, за претставата “Пер Гинт“ и многу други.
Автор е на книгата „0,1 – Краток вовед во бесконечноста“. До крајот на овој семестар, м-р Златко Славенски требаше да го одбрани докторскиот труд на тема „Адаптација на драма во филмско сценарио“ и да се стекне со звање доктор по уметности.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.