Движењето ЗНАМ – За наша Македонија остро ги осуди, како што наведува, сите обиди за глорификација, релативизација или оправдување на воени злосторства и воени злосторници.
Во реакцијата од партијата посочуваат дека односот кон воените злосторства, жртвите и правосилните пресуди на меѓународните судови не смее да биде предмет на дневнополитички калкулации.
„За нас не постојат двојни стандарди кога станува збор за почитувањето на жртвите, меѓународното право и цивилизациските вредности. Ниту еден воен злостор не може да биде оправдан и ниту еден правосилно осуден воен злосторник не може да биде претставуван како пример за почит или восхит“, велат од ЗНАМ.
Од партијата се осврнаа и на спорната објава на директорот на Агенцијата за остварување на правата на заедниците, нагласувајќи дека станува збор за личен став кој, според нив, не може да се поистоветува со ставот на Владата.
Од ЗНАМ додаваат дека одговорноста за јавното постапување и личните ставови треба да се преземе лично и институционално.
Воедно, партијата ја отфрла критиката дека „молчи“ за случајот, посочувајќи дека не прифаќа опозицијата да го диктира времето и начинот на нивните реакции.
„ЗНАМ говори и делува врз основа на сопствени принципи“, се наведува во реакцијата.
Од движењето ја критикуваат и СДСМ и Венко Филипче, обвинувајќи ги дека од сериозна тема создаваат поширока политичка конструкција со која ги поврзуваат партиите од власта со Србија, Александар Вучиќ, „српскиот свет“, Кина, Русија и МПЦ.
Според ЗНАМ, станува збор за „класичен политички спин“ чија цел е една конкретна постапка да се искористи за дискредитација на Владата и нејзините коалициски партнери.
Партијата истовремено нагласува дека не прифаќа политичка инструментализација на прашањето за воените злосторства со цел создавање колективна вина, етнички поделби и политички конструкции.
На крајот од реакцијата, ЗНАМ ја потврдува својата евроатлантска ориентација.
„Ставот на ЗНАМ е јасен, НАТО и ЕУ се иднината на Македонија!“, порачуваат од партијата.



