Зошто не треба да го „проверувате“ телефонот на вашиот партнер?

Изгледа дека многу луѓе сакаат да „чепкаат“ по приватноста на партнерот. Имено, според анкета од 2014-та година, 1 од 4 жени и 1 од 5 мажи тајно го проверувале телефонот на партнерот.
Доколку не спаѓате во оваа категорија, веројатно се прашувате зошто луѓето го прават тоа.
Постојат неколку причини заради кои луѓето редовно го „проверуваат“ телефонот на партнерот:
Проблеми со довербата
Како што можеби веќе претпоставивте, штом некој го проверува телефонот на партнерот, тогаш не му верува доволно.
Многу луѓе се загрижени дека партнерот прави нешто зад нивниот грб или дека чува некоја тајна, па сакаат да дознаат што е тоа.


Но, ова само ја потхранува недовербата во врската и може да предизвика проблеми.
Недостаток на комуникација и интимност
Некои терапевти и психолози сметаат дека ова однесување може да биде резултат на проблеми со интимноста и комуникацијата помеѓу партнерите.
Доколку партнерите не се отворени еден кон друг, проблемите не се решаваат и почнува да се појавува сомнеж.
Па наместо отворено да разговараат за проблемот, тие се обидуваат да дознаат нешто повеќе нарушувајќи ја приватноста на својот партнер.
Несигурност и сомнеж за неверство
Доколку партнерот има историја на лажење и изневерување, нормално е да се сомневате дека истото се случува и сега.
Но понекогаш дури и кога не постои простор за сомнеж, кај луѓето се појавуваат ирационални стравови, па пробуваат да откријат некоја тајна, дури и кога ја нема.
Зошто НЕ треба да го проверувате телефонот на партнерот?
Дури и кога постои причина за сомнеж, никогаш не е во ред да се мешате во туѓата приватност. Секогаш е подобро отворено да разговарате доколку постои каков било проблем.
Проверувањето на телефонот може само да предизвика дополнителни проблеми, а во продолжение погледнете ги најдобрите причини зошто да не го правите тоа.
Ќе се претворите во личност којашто не сакате да бидете
Никој не сака да биде личноста која едвај чека партнерот да го остави телефонот во собата за да може да провери што има на него. Повеќето сакаат да веруваат дека се искрени личности со интегритет и самопочит.


Нема ништо полошо за вашата самодоверба од „проверки“ во телефонот на партнерот, обидувајќи се да добиете информации што не се ваши.
Сè додека барате простор да го проверите телефонот на партнерот, тоа ќе биде главен фокус на вашите мисли. Понекогаш ова однесување може да стане толку екстремно, што се претвора во опсесија.
Саботирање на блискоста
Многу врски не можат да се вратат во нормала откако едниот партнер ќе признае дека му ја нарушил приватноста на другиот.
Дури и ако партнерот навистина флертувал со некого, тоа што сте му го проверувале телефонот без дозвола ќе се покаже како поголем проблем.
Одовде, се разбира, ќе почнат и кавгите. Овој вид на недоверба ретко кој може да го прости, па вашата врска може настрада.
Се ставате во послаба положба
Кога едниот партнер го проверува другиот, во врската се создава нездрава динамика на моќ. Кога се чувствувате еднакво со партнерот, нема да посакате да ги проверувате неговите пораки.
Ќе си го живеете животот без да се грижите за она што го прават другите. Но доколку сте опседнати со она што го прави партнерот на телефонот, вие ја намалувате вашата моќ во врската.
Што да правите ако се сомневате во верноста на партнерот?
Доколку навистина имате причина да се сомневате во верноста на партнерот, но знаете дека нема да ви признае, можете да преземете други мерки наместо шпионирањето.
1. Размислете зошто би ве изневерувал. Неретко луѓето имаат проблеми со довербата кои се вкоренети уште од детството, или пак поради мината врска со неверен партнер.
Најчесто проблемот сте вие, а не она што го прави партнерот. Доколку навистина ви е тешко да му верувате на партнерот, можете да побарате и помош од терапевт што ќе ви помогне да ја откриете висинската причина за тоа.


2. Замолете го партнерот за поголема транспарентност во врска со комуникацијата со други. На некои партнери воопшто не им е проблем да ви кажат со кого се допишуваат.
Но има луѓе кои се позатворени и кои ќе се чувствуваат како да ги контролирате доколку го побарате ова од нив.
Доколку имате какви било сомнежи, објаснете му на партнерот на смирен начин, без да го напаѓате. Истовремено, оставете му и простор да ви објасни зошто се однесува така.
3. Понекогаш можеби е време за крај на врската. Доколку не можете да се убедите во верноста на партнерот, понекогаш е подобро да раскинете наместо да се мачите со вашата опсесија.
Довербата е столб на секоја врска, па доколку не постои во вашата, можеби и не ви е судено да бидете заедно.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.