Иако тврдеше дека нема потреба од ребаланс Тевдовски откако го прекрои буџетот вели дека и без тоа пари за избори има

Министерот за финансии, Драган Тевдовски, на прес-конференција во Владата го образложи предлогот за ребаланс на буџетот за 2018. година доставен до Собранието. Тој рече дека главната причина за прекројувањето на државната каса е евентуалната одлука за предвремени парламентарни избори.
Со парите од ребалансот, како што објасни тој, финансиски ќе се поддржат општините во државата, Агенцијата за вработување, Фондот за здравствено осигурување и ПИОМ. Најголема релокација на средства има кај општините, за подмирување на доспеани, а ненаплатени обврски. Со ребалансот се обезбедуваат 198 милиони денари за политичките партии и истражувачките центри, како што тоа е определено со закон.
Министерот додаде дека дополнителните средства во здравството се за да се намалат обврските на јавните здравствени установи. Пензиите ќе бидат навремено и целосно исплаќани, а корекцијата во делот на капиталните инвестиции е поради забавената реализација на проектот за гасификација и откажаниот Клинички центар.
Тевдовски рече дека хипотетички, доколку се одржат избори, за тоа ќе бидат обезбедени средства и без ребаланс на буџетот, од ставката „функции на државата“. Уште дополни дека веќе работат и на буџетот за следната година и увери дека ќе бидат испочитувани сите рокови.
-Подготвени сме на различни ситуации, дури и со времено финансирање државата ќе ги исплаќа обврските- тврди Тевдовски.
На вчерашната вонредна седница Владата го разгледа и усвои Предлогот за изменување и дополнување на буџетот за 2018 година. Со измените и дополнувањата што се предлагаат, извршено е ревидирање на приходната страна на буџетот за 2018 година за незначителни 0,5 насто надолу, односно за 1 милијарда денари. Вкупните приходи со измените и дополнувањата се планирани на ниво од 192,5 милијарди денари, додека вкупните расходи се утврдени на износ од 210,5 милијарди денари. Во овие рамки на планирани приходи и расходи, дефицитот е незначително понизок (18,1 наспроти иницијално планираните 18,2 милијарди денари). Притоа, во однос на БДП, буџетскиот дефицит е непроменет и изнесува 2,7 насто од БДП.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.