Изведба на балетската претстава „Рајмонда“ од Александар Глазунов, по повод Светскиот ден на балетот на 1.11.2022

По повод Светскиот ден на балетот кој оваа година се одбележува на 2.11.2022, на сцената на Националната опера и балет на 1 ноември 2022 (вторник) со почеток во 20.00 часот, ќе се изведе еден од бисерите на балетската уметност, раскошната балетска класика „Рајмонда“ од Александар Глазунов. Безвременски балет кој е израз на целосната убавина на класичниот танц.
Диригент на претставата е Бисера Чадловска, кореограф е Виктор Јаременко од Украина. Прекрасните костими и спектакуларната сценографија се на гостите од Украина, Гана Ипатиева и Андреј Злобин.
Во главните улоги ќе настапат: Мими Поп Алексова Атанасовска, Балаж Лочеи (Унгарија), Абдурахман: Васил Чичиашвили (Грузија), Илијана Данилов, Христина Наќевска, Наташа Трендафилова Гицев, Игор Веланоски и Ендру Кук (Англија).
Настапуваат солистите, балетскиот ансамбл и оркестарот на Националната опера и балет.
„Рајмонда“ е балет во два чина. Светската премиера е одржана во Маринскиот театар во Санкт Петербург, во јануари, 1898 година. Либретото за балетот „Рајмонда“ е базирано на типичната драматургија која го обележува времето на Романтизмот. Во драмите (приказните) на овој уметнички правец доминираат темите за јунаштвото, благородништвото, љубовта, достоинството и честа.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.