Изгаснат пожарот кај Катланово

Скопската протипожарна служба информира дека утринава во 5:50 е целосно изгаснат пожар кај Катланово. Од синоќа, 10 возила и 22 пожарникари беа вклучени во гаснењето на пожарот, а на терен беше испратено и едно возило од рафинеријата ОКТА, за да им помогне на пожарникарите.
Како што изјави за МИА командантот на Противпожарната бригада на Град Скопје, Владимир Симоновски, со пожарот е зафатена голема површина, но не може да се процени точно колку зашто е темно и видливоста е намалена.
-Засега сме на терен 22-ца пожарникари со десет возила. Продолжуваме со гаснење и во текот на ноќта. Зафатена е голема површина која се шири нагоре, кон боровата шума, но сметаме дека стихијата нема да ги зафати викенд-куќите, рече вчера Владимир Симоновски.
Пожарот од страна на скопската Пожарна беше лоциран над бензинската пумпа на автопатот Велес – Скопје. Се интервенираше веднаш, најпрво со две, а потоа со вкупно седум пожарникарски возила.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.