Изгореа канцеларии на српското обвинителство за организиран криминал, предметот „Натстрешница“ е спасен

Неколку канцеларии на последниот кат од зградата на Специјалниот суд во Белград се речиси целосно уништени во пожарот што избувна во понеделникот на покривот од објектот, објави „Нова“.

Сите оштетени простории ги користи Јавното обвинителство за организиран криминал (ЈОКК), а „Нова“ објави фотографија на која се гледа што останало од кабинетот на еден од обвинителите што работи на финансиската истрага во случајот „Натстрешница“. Од овој, како и од другите кабинети, вработените за среќа успеале навреме да ги изнесат предметите.

Засега не е познато како дошло до пожарот, а истрагата ја презеде Вишото јавно обвинителство во Белград. Пламенот и чадот првин се појавиле на таванот на кабинетите на последниот кат, а благодарение на брзата реакција на обвинителите, другите вработени и на судската стража, која веднаш притрчала на помош, предметите што се наоѓале во загрозените канцеларии биле навремено изнесени и спасени.

Освен предметот „Натстрешница“, меѓу спасените и изнесени предмети е и истрагата во случајот на Милорад Грчиќ, поранешен вршител на должноста директор на ЕПС.

На фотографијата, што „Нова“ ја објавува ексклузивно, се гледа дека штетата е резултат и на пожарот и на интервенцијата на пожарникарските екипи.

Пронајдете не на следниве мрежи: