Со измени на Законот за електронски комуникации, што се поставени за расправа на Единствениот национален регистар на прописи (ЕНЕР) државава ги пренесува во домашното законодавство потребните европски регулативи со што ќе може да се приклучи кон иницијативата „Роаминг како дома“ на Европската Унија. Со тоа ќе им се овозможи на граѓаните и бизнисите да користат мобилни услуги во земјите на ЕУ без дополнителни роаминг трошоци, како да се дома.
За законските измени чиј носител е Министерството за дигитална трансформација, на ЕНЕР може да се достават коментари уште четири дена.
Со законот треба да се воспостават јасни правила за ограничување на цените на роаминг услугите со што, стои во нацрт врзијата, ќе се овозможи зголемена заштита на корисниците преку транспарентно информирање и механизми за спречување на неочекувано високи трошоци и зајакнување на регулаторната улога на надлежните институции во областа на електронските комуникации. Целта е да се овозможи укинување на трошоците за роаминг при патување во земјите на ЕУ, зголемена правна сигурност и предвидливост на цените и олеснет пристап до дигитални услуги, е-услуги и мобилна комуникација во странство.
Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски минатиот месец во телевизико интервју рече дека мораме да си ги завршиме нашите домашни обврски до февруари и оти останатото ќе биде лобирање и договор на ниво Македонија-ЕУ и Западен Балкан-ЕУ.
Покрај пренесувањето на четири регулативи во Законот за електронски комуникации преку измената што е во нацрт верзија до јули годинава треба да се донесат и подзаконски акти од страна на Агенцијата за електронски комуникации.
Државава е дел од Регионалниот договор за роаминг во Западен Балкан (ЗБ) од 1 јуни 2021 година. Граѓаните имаат можност да користат мобилни комуникациски услуги во земјите од ЗБ под исти услови како и во домашните мрежи, без дополнителни трошоци за роаминг. И покрај овој напредок на регионално ниво, роамингот со земјите членки на ЕУ сè уште не е целосно регулиран согласно европските стандарди.


