Десничарскиот израелски министер за национална безбедност, Итамар Бен-Гвир, објави дека ќе го постави прашањето за анексирање на Западниот Брег на следниот состанок на кабинетот како одговор на денешната одлука на Обединетото Кралство, Канада и Австралија да признаат палестинска држава, објавија израелските медиуми.
Бен-Гвир додаде дека признавањето на палестинска држава претставува награда за терористите на Хамас и како такво бара итни контрамерки, објави „Тајмс оф Израел“. Тој, исто така, повика на анексирање на Западниот Брег и целосно распуштање на Палестинската самоуправа.
Зборовите на Бен-Гвир беа поддржани од Јицак Васерлауф, претставник на неговата партија „Оцма Јехудит“. „Земјата Израел му припаѓа исклучиво на народот на Израел – нема палестински народ и нема палестинска држава“, рече Васерлауф.
Израелско Министерство за надворешни работи: Категорично го отфрламе признавањето Израелското Министерство за надворешни работи денес објави дека Израел категорично ја отфрла одлуката на Обединетото Кралство и другите земји да ја признаат државата Палестина.
„Официјалната декларација за признавање од страна на Обединетото Кралство, Канада и Австралија дополнително го дестабилизира регионот и ги поткопува изгледите за постигнување мирно решение во иднина“, се вели во соопштението на Министерството, според „Тајмс оф Израел“.



