Имавме конструктивна средба, чекаме повратен одговор, кажа Мицкоски за разговорите со студентите

Премиерот Христијан Мицкоски, денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа како течат разговорите со студентите околу висината на студентскиот оброк и кои решенија беа понудени, изјави:
„Да, имавме средба на којашто разговаравме и за студентскиот оброк, но разговаравме и за полагањето на правосудниот испит. Мислам дека имавме конструктивна средба којашто траеше два часа. Ние го објаснивме предлогот којшто го има Владата и тој предлог цениме дека е многу подобар како решение од тоа што сега го имаат, за што и тие се сложија. И сега чекаме повратен одговор, ни беше ветено дека истиот ден до вечерта ќе добиеме драфт-верзија на тоа што тие ќе го комуницираат со колегите, не ја добивме. Еве денеска е втор ден, се надевам дека денеска ќе ја добиеме таа драфт-верзија којашто ќе ја комуницираат со колегите за тоа што е разговарано на состанокот.“
Во однос на тоа што е предложено околу полагањето на правосудниот испит и дали е тоа што го обзнани министерот за правда, премиерот Мицкоски додаде:
„Тоа што го комуницираше министерот за правда е тоа коешто ние како Влада го одработивме, бидејќи досега, морам да признаам, немало никаков предлог. Дури оние политички партии коишто денеска се обидуваат да ја поларизираат на етничка основа состојбата во државата, не направиле ништо повеќе од две децении. Ние како Влада еве преземавме иницијатива и цениме дека тоа решение коешто го нудиме, а коешто ќе биде испратено до Венецијанската комисија е решение коешто нуди од една страна задоволување на правото да се полага испитот на јазик на којшто е завршено високото образование, односно правото за својот мајчин јазик и второ да имаме владеење на правото затоа што лингва франка принципот, односно еден јазик во правосудството е практично главна препорака во мислењето коешто го дава Венецијанската комисија на Законот за јазици.“
The post Имавме конструктивна средба, чекаме повратен одговор, кажа Мицкоски за разговорите со студентите appeared first on Во Центар.

Пронајдете не на следниве мрежи: