Името на Ристо Стефановски заблеска на сцената на Драмски театар

На свечената промоција на монографијата за него, буквите на неговото име го обележаа секое влегување на Големата сцена во театарот, а членови на неговото семејство, колеги актери и обожаватели на неговото дело беа дел од настанот.

Присутните се потсетија на неговата визија и на начинот на кој ја реализираше, истовремено му се поклонија со аплауз за неговата неизмерна преданост кон театарската уметност.

Стефановски нè напушти пред две години, но неговото наследство останува живо во пишаните зборови и во културното богатство што го остави зад себе. Неговото име на сцената на Драмскиот театар ќе остане потсетник за идните генерации, кои ќе ја истражуваат оваа легенда во македонската култура.

„На овој театарски празник се слави театарската уметност, се прави осврт на достигнувањата, се укажува на пропустите, се посочува на идните планови. Со задоволство се зборува за минатото и се отвораат приказните за театарските великани на кои им се оддава должна почит“- истакна директорката Викторија Рангелова Петровска на свеченоста организирана во чест на Ристо Стефановски во Драмски.

Успехот на Драмски под негово раководство, за останатите театри беше провокација за натпревар. Се обидуваа да го стигнат, но никогаш не успеаја да го престигнат. Во еден од неговите дневниците ќе запише: „Успешно се справував со ситуациите, искрено и чесно работев. Се обидуваа да ми прикачат нешто, нешто што би ме компромитирало, нешто што би ме спречило да продолжам да работам. Сите сакаа да ми најдат нешто со што би ме држеле во рака, но немаше рачка за која би се фатиле па ме оставија некое време.“ Денес, некои од нашите колеги од другите театари на шега го нарекуваат Драмски „домаќински театар“. И домаќинлукот му го должиме на Ристо, тој/тоа е седмото правило од прирачникот за успех.

Промоторката на монографијата Искра Гешовска на промоцијата истакна: „Ние сме култура на заборавот. Да се памети, во една култура како нашава која интензивно подлежи на заборав, е скапоцено. Со оваа монографија и со одлуката за именување на големата сцена на Драмски театар со името на неговиот основач и стратег, Ристо Стефановски, се пркоси токму на културата на заборавот“.

Пронајдете не на следниве мрежи: