Американскиот државен секретар Марко Рубио би можел да поднесе оставка за да се подготви за претседателска кандидатура во 2028 година, објави британскиот „Индипендент“, повикувајќи се на неименувани републикански и британски владини извори. Стејт департментот го отфрли извештајот како неоснован.
Според соговорниците на весникот, заминувањето би му овозможило на Рубио да се дистанцира од непопуларните политики на администрацијата, особено од војната со Иран. Како можен главен конкурент за републиканската номинација се посочува потпретседателот Џеј Ди Венс.
Очекувањата за оставка, според извештајот, постоеле и пред конгресните избори, а се засилиле по тешките загуби на републиканците.
Сепак, весникот пренесува и поинакви проценки. Извор од администрацијата навел дека Рубио не покажувал знаци оти сака да замине, додека друг соговорник оценил дека би можел да остане заради стабилноста на владата.
Рубио во септември изјавил дека во тој момент нема планови за претседателска кандидатура и дека е целосно посветен на своите функции. Тој, исто така, претходно навестил дека би се повлекол од евентуална трка доколку се кандидира Венс.
Стејт департментот ги негираше наводите, а Белата куќа порача дека претседателот располага со обединет тим. Засега нема објавена оставка, ниту официјално најавена кандидатура на Рубио.



