Иницијатива 50% родова еднаквост: Жените знаат и умеат да креираат политики за подобра држава

Регионална соработка на жените од политиката за поголема застапеност на национално и локално ниво е  заклучокот на 20 жени  кои учествуваа на конференцијата „Иницијатива 50% родова еднаквост “ кој се одржа викендов во Охрид, во организација на Либералниот Институт Скопје и Фондација Борис Дивковиќ од Босна и Херцеговина.

– Оваа конференција ја организираме за прв пат во нашата земја се со цел да покажеме дека во регионот може да соработуваме и да ги негуваме либералните вредности. Жените треба максимално да се поддржуваат една со друга, а мажите треба да ги охрабрат, треба да негуваме квалитет пред квантитет, истакна Санда Крекиќ, извршна директорка на Либерален Институт Скопје.

Според Моника Зајкова, пратеничка и потпретседателка на ЛДП, родовата еднaквост е тема на која треба постојано гласно да се говори.

-Како жени во политиката од Регионот освен што треба да креираме и поднесуваме иницијативи, треба и заедно на терен да работиме на нивна целосна имплементација. Родовата еднaквост е тема на која треба постојано да потсетуваме и гласно да говориме. Очекувам поголема вклученост на жените во креирање на локалните политики. Жените овде знаат и умеат да креираат политики за подобра држава, изјави Зајкова.

Билјана Аврамоска Ѓореска претседателка на Форум на жени при ЛДП појасни дека главната задача на Форумот е да ги мотивира жените проактивно да се вклучат во политиката и да се изградат како зрели политички индивидуи.

-Отворено дискутираме за сите прашања  кои се од интерес за жените но и за мажите. Форумот овозможува градење на капацитетите, промоција на жените, но и поддршка на законски измени кои се во насока на подобрување на положбата и статусот на жените во општеството. Ние жените треба да зборуваме гласно и да бидеме подготвени да ги разбиеме конзервативните стереотипи на политичкото делување. Да се охрабриме и да се поддржиме меѓусебно во остварување на предизвиците но заедно со мажите како сојузници! , рече таа.

На конференцијата беше истакнато дека Либералните партии од Западен Балкан активно работат на развој на програми и стратегии насочени кон спроведување на родова еднаквост на политичката сцена.

-Фондацијата Борис Дивковиќ спроведе регионално истражување и компаративна анализа што ја потврди ефективноста и ефикасноста на методите што ги користат ЛДП и Наша партија за зајакнување на политичките капацитети на жените и постигнување на родова еднаквост. Резултатите од истражувањето исто така ни помогнаа да идентификуваме кои сегменти на дејствување можеме да ги подобриме за поголема застапеност на жените во политиката. Се надеваме дека нашата работа и резултатите што ги постигнуваме ќе ги мотивираат другите политички организации да осмислат слични програми за зајакнување на политичкото учество на жените со цел да се унапреди прашањето за родова еднаквост во целиот регион, рече Адиса Мемишевиќ, автор на публикацијата Политичко учество на жените во либералните партии во Западна Европа и надворешен соработник на Фондацијата Борис Дивковиќ.

Анела Лемеш извршен директор на Фондацијата Борис Дивковиќ од Сараево, Босна и Херцеговина раководи со тим на соработници на Фондацијата во изминатите 5 години и досега успешно реализирале над 10 проекти (национални, регионални и европски).

– Преку проекти и соработка со бројни организации и на ниво на ЕУ, се етаблиравме како лидер во Западен Балкан во ширење на прогресивни идеи и организации за образование за членови на политички партии, активисти на невладини организации и студенти во регионот, рече таа.

Координатор на проектот Иницијатива 50% за родова еднаквостт е Јасмина Мршо, секретар на Наша партија за меѓународни односи во општина Стари Град Сараево. Иако има формално образование во фармацевтски науки, таа во моментов работи претежно како политички консултант и истражувач за домашни, регионални и меѓународни организации, особено за родовата еднаквост, градењето демократија и процесите на европска интеграција за Западен Балкан.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.