Ин Мемориам: Ниче Димовски

Ин Мемориам: Ниче Димовски (1964-2020)
30 декември 2020 година, Скопје, Македонија – Денес на 56 години се упокои Ниче Димовски, долгогодишен активист за човековите и граѓанските права и слободи на Македонците во татковината и светот, домаќин, сопруг, родител, успешен бизнисмен и сопственик на компанијата “Македон бетон“, хуманист, филантроп, родољуб и патриот, генерален секретар на Светскиот Македонски Конгрес, автор на седум дела.

Ниче Димовски е роден на 9 октомври 1964 година во Скопје, каде завршил основно и средно образование. Дипломирал на Економскиот факултет при универзитетот “Свети Кирил и Методиј“ во Скопје.

Трудољубивоста е негова одлика од дете: продавал црви за рибари, собирал полжави, берел и продавал мимози, растоварал и утоварал, собирал старо железо, поседувал боди-билдинг клуб, водел бизнис со увоз на прехранбени артикли од неколку фабрики од Франција и што уште не, стигна до својата компанија за бетон “Македон бетон“.

Ниче Димовски е реализиран семеен човек, сопруг, татко е на три деца Антонио, Давид и Мила, дедо на внуката Талија…
Пропатувал во повеќе од педесетина држави во светот, во животот се соочил со безброј предизвици и искушенија, доживеал многу искуства, се стекнал со знаења за човекот, вистината и светот.

Досега трипати бил соочен со смртта, но борбата за живот го сочувала до денес. Во 1997 година, на 33 години, поради операција на хранопроводот во Германија, паѓа во седумдневна кома, за среќа и чудо на лекарите останува жив. Во 2000 година паѓа од параглајдер на Галичица од 42 метри височина, по 62 дена заробен во кревет, под ризик дека ќе остане траен инвалид, заздравува и повторно за чудо на лекарите проодува. Во 2010 година, повторно при хируршка интервенција на хранопроводот во Германија, целиот зафатен од сепса, запишан е како медицински феномен, се враќа во Македонија здрав и жив.

Уште од најрана возраст, преку неговиот авантуристички и немирен дух, преку многубројните животни пречки и предизвици, најчесто искусени преку болката и болеста, ги спознава вистинските вредности на животот.

За свој прв духовник во животот ја смета тетка му во Истанбул, сестра на неговата мајка, кај која престојува повеќепати во првите години од полнолетството.

По отслужувањето на воениот рок, на 22 години заминува во Калифорнија, САД, кај неговиот дедо, вујко на неговата мајка. Престојува кај домородни Индијанци истражувајќи го нивниот начин и филозофија на живот… Посетил повеќе древни народи во Средна Америка…

На 44 годишна возраст решава да ја објави својата прва книга “Најголемата вистинска тајна на светот“, која се печати во 2009 година. Прави обиди за дефинирање на нова научна теорија “нанодијанетика“, ги промовира мирот и љубовта меѓу народите и државите во светот, претчувствува позитивни промени на целата планета, трага по вистината за човекот од прапочетокот… За Ниче Димовски, нанодијанетиката, подоцна трансформирана во “Нанониче метод“, е систем на спознанија за силата на мислата врз квалитетот на животот. Оваа книга предизвика вистински бум меѓу читателската публика, една е од најчитаните книги во Македонија, на многумина им го променила животот од корен… Книгата е преведена и на англиски јазик и објавена во Пенсилванија, САД, од издавачката куќа Dorrance Publishing.

Сите седум дела Ниче Димовски им ги посветува на Македонскиот народ и на Македонија: “Кога би можел да избирам, повторно би се родил како Македонец!“

Во своето прво дело, Ниче Димовски забележува: “Сите ние патуваме низ времето и просторот! Светот влегува во нова ера на љубов, хармонија и благосостојба, каде што материјалното ја губи моќта над животот, пред нов налет сме на духовното!“
По првата книга, Ниче Димовски продолжува да пишува, во 2012 година ја објавува својата втора книга “Вистината за вечноста“, целиот тираж за нецели два месеци е распродаден. Во оваа книга, Ниче Димовски е дециден: “Клучот од тајната врата на Вашата душа, е во Вас, отклучете ја!“ Со ова дело Ниче не’ води во лавиринтот до одговори, нуди четивоод непознатото кон спознаеноста, за душата и енергијата, во човекот и вселената.

Во 2012 година Ниче Димовски ја издава и книгата “Нанониче метод на законот на вистината“, снимена и во аудио верзија, како техника за креирање на позитивна енергија и квалитетен живот.

Во 2013 година Ниче Димовски го издава првиот стрип во боја “Александар Македонски – Лавот од Македон“, со единствена желба, најмладите да учат за храбоста на Александар Македонски. Бесплатно го дели на најмладите, да учат за древноста на Македонците и Македонија.

Во 2013 година ја пишува и објавува книгата “Бог е жив“. Тоа е дело за техниките за остварување на мислата со програмирање, со благодарност кон Создателот! Со “Бог е жив“, Ниче Димовски отвори портал кон небото за душата. Авторот повикува да се напушти стравот, бидејќи само тогаш, како што вели, ќе го пронајдете мирот во себе и преку љубовта во себе ќе вибрирате во фреквенција на Создателот. Авторот е благодарен на Бога кој му дал живот да сведочи за Неговата големина и можноста за неговата мисија кон другите за љубов во Бога. Во ова дело авторот ги објаснува времето во кома во 1997 година, со сеќавања од “другиот свет“.

Во 2016 година Ниче Димовски го објавува делото “Тајните на писателите“ како најдобар прирачник со практични совети за оние кои сакаат да напишат книга.

Во 2017 година Ниче Димовски го објавува романот “Љубов се викам“, како книга за неговиот дваесетгодишен животен сон, кој имаше намера да го филмува на големите екрани. Оваа желба, за жал, не ја оствари…

Годинава, прирачникот со техниката за креирање на позитивна енергија и квалитетен живот за само седум дена “Нанониче метод на законот на вистината“, е објавен и на шпански јазик.

Ниче Димовски е еден од основачите на Светскиот Македонски Конгрес во 1990 година. Од 1990 до 2008 година е генерален секретар на Светскиот Македонски Конгрес, од 2008 до 2012 година е потпретседател на Светскиот Македонски Конгрес, од 2012 до 2020 повторно е избран за генерален секретар на Светскиот Македонски Конгрес. Активно е вклучен во македонските работи меѓу Македонците во Македонија, сите делови на Македонија и Македонците во светот.

Ктитор е на Македонскиот православен манастир “Свети Петар и Павле“ во Бистрица, Богомила, донатор е на Македонската православна црква “Света Лидија Македонка“ во Ченто, Гази Баба и многу други, донатор е на бројни манифестации, организации и поединци. Организира бројни промоции и трибини на неговите дела ширум Македонија, како и семинари за негови читатели во манастирот “Свети Петар и Павле“ во Бистрица, Богомила.

Знаеше да порача: “Да им простиме на сите кои го скараа и поделија Македонскиот народ. Ги повикувам сите да дојдат и да се прегрнеме, да си простиме и да се обединиме како Македонци! Да заборавиме на поделбите! Ова нека биде почеток на мир, љубов и хармонија меѓу Македонскиот народ. Дојде времето македонско и затоа да си простиме, да се прегрнеме и обединети да извикаме: Македонијо, те сакаме Татковино!“

Во неговата книга “Најголемата вистинска тајна на светот“ Ниче Димовски напиша: “По комата во 1997 година, решив: Ќе преживеам, морам да ја победам смртта!“ Денес, за жал, таа го совлада… Но, остави трајни дела за паметење!

И после се’, Боже на духовите и на секое тело, успокој ја душата на починатото твое чедо и наш брат во Господа Ниче Димовски, прости му ги прегрешенијата волни и неволни, направени со збор, со дело или со помисла, и како Благ и Човекољубив, насели ја неговата душа во место светло, место блажено, место мирно, место каде што почиваат праведниците, место каде што нема ни жал, ни воздишка, но живот Бесконечен… Ќе го посетуваме неговото вечно почивалиште, но знаеме дека неговото дело и мисла ќе не прогонуваат: Борете се за Македонците и за Македонија!

Вечен му спомен и Бог да го прости, почивај во мир, брате во Господа. Телото ти го предаваме во земјата македонска, но твојата душа засекогаш, со нас бесмртно останува. Твојот лик и спомените за тебе вечно ќе ги паметиме.

Светскиот Македонски Конгрес изразува искрено сочувство до неговото семејство, родителите, децата, роднините и пријателите во татковината Македонија и насекаде во светот. Амин!

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.