Истражителите на ОН го обвинија Израел за извршување геноцид во Газа во обид да ги уништи Палестинците таму, а го обвинија израелскиот премиер и други високи функционери за поттикнување насилство. Независната меѓународна истражна комисија (COI) на ОН, која не зборува во име на светската организација и е жестоко критикувана од Израел, откри дека „геноцид се извршува во Газа и продолжува да се извршува“, изјави за АФП претседателката на комисијата, Нави Пилај.
„Одговорноста е на Државата Израел“, рече Пилај. Комисијата, задолжена да ја истражи состојбата со правата на окупираните палестински територии, го објави својот последен извештај речиси две години откако избувна војната во Газа по смртоносниот напад на Хамас врз Израел на 7 октомври 2023 година.
Според бројките од Министерството за здравство во Газа, управувана од Хамас, кои ОН ги смета за веродостојни, речиси 65.000 луѓе се убиени од почетокот на војната во Газа. Поголемиот дел од жителите на Газа биле раселени барем еднаш, а уште едно масовно раселување е во тек, бидејќи Израел ги засилува своите напори да ја преземе контролата врз градот Газа, каде што ОН прогласи целосна криза со глад.



