Италијанскиот претседател изрази спремност да застане зад нас на патот кон ЕУ и во барањето решенија со соседите

Она што ја импресионирало на средбата, посочи таа, било длабокото разбирање што Матарела го изразил за направените жртви од наша страна во процесот на евроинтеграциите

Претседателката на државата Гордана Сиљановска-Давкова добила уверување од нејзиниот италијански колега, Серџо Матарела дека тој е спремен да застане зад нас на нашиот евроинтегративен пат и во „барањето на решенијата со соседите“. 

Претседателката на РСМ, Сиљановска-Давкова и италијанскиот претседател, Серџо Матарела / Фото: Кабинет на претседателот на РСМ

„Побарав од италијанскиот претседател и од Италија на нашиот натамошен пат да помогнат околу давање гаранции за нашата европска политичка иднина, на што тој одговори дека е спремен да застане зад нас, се разбира во барањето на решенијата со соседите“,

изјави таа по средбата со италијанскиот претседател. 

Сиљановска-Давкова средбата ја оцени како плодна и конструктивна. Со италијанскиот претседател разговарале за сестраната соработка меѓу двете држави во изминатите 30 години, која, како што рече, била континуирана, посветена и гласна.  

„Кога велам сестраната соработка мислам не само на односот кон нас, туку и кон регионот на Западниот Балкан. Значи уште еднаш претседателот потврди дека Италија ќе продолжи да го поддржува регионот и да не поддржува нас во секој поглед“,

рече претседателката на С Македонија. 

Во тој контекст, како што додаде таа, нејзиниот италијански колега се осврнал не само на евроинтеграции, туку и на економијата, образованието, културата, одбраната.  

„Дури во еден момент и заклучи дека Италија ќе продолжи на секој начин да не помага нас и регионот на евроинтеграцискиот пат“,

додаде Сиљановска-Давкова. 

Она што ја импресионирало на средбата, посочи таа, било длабокото разбирање што Матарела го изразил за направените жртви од наша страна во процесот на евроинтеграциите.  

„Исто така, напомена дека во моментов не може да зборуваме дека има големи и мали држави во ЕУ. Дека сите се мали држави и дека сите имаат потреба едни од други“,

рече македонската претседателка.  

Со нејзиниот италијански колега, додаде таа, се согласиле дека европските стандарди треба да се почитуваат од сите. 

„И од оние надвор, како нас, но и од оние внатре“,

рече Сиљановска-Давкова. 

Од средбата со италијанскиот претседател во Рим / Фото: Кабинет на претседател на РСМ

Со средбата со италијанскиот претседател, Серџо Матарела таа го заврши официјалниот дел од посетата на Рим и Ватикан во рамките на честувањето на 24 Мај – Денот на сесловенските просветители светите браќа Кирил и Методиј.  

Сиљановска-Давкова ја предводеше македонската државно-црковна делегација во Рим и Ватикан каде вчера беше на аудиенција кај папата Франциск, а денеска присуствуваше на молебен на гробот на Свети Кирил во базиликата „Свети Климент“, а потоа положи венец пред спомен-плочата на македонски јазик во базиликата „Санта Марија Маџоре“. 

Инаку, ова е прва официјална посета во странство на претседателката Сиљановска- Давкова, по победата на претседателските избори на 8 мај и официјалното стапување на функцијата четири дена подоцна со давање на свечената заклетва во Собранието.  

Пронајдете не на следниве мрежи: