Италијанскиот Парламент денеска го усвои владиниот декрет со кој се воспоставува кодекс на однесување за хуманитарните бродови за мигранти, и покрај критиките од Обединетите нации и хуманитарните групи дека тоа ќе ги загрози животите на луѓето.
Новите правила се дел од напорите на италијанската премиерка Џорџa Мелони за сузбивање на дејствувањето на невладините спасувачки бродови, за кои нејзината влада вели дека само дополнително ги охрабрува луѓето да го направат опасното патување од Африка преку Медитеранот за да стигнат до Европската Унија.
Здруженијата го отфрлаат ова и тврдат дека мигрантите ќе продолжат да го минуваат морето без разлика дали во близина има чамци за спасување.
Според новиот закон, бродовите ќе мора да бараат пристап до пристаништето и, по спасувањето, да впловат во него „без одложување“, наместо да останат на море и да бараат други чамци со мигранти на кои им е потребна помош.
Досега, бродовите користени од хуманитарни и невладини организации често со денови пловеа во централен Медитеран за да извршат повеќе спасувачки операции, пред да тргнат на север кон Италија.
Капетаните кои ќе ги прекршат правилата ќе бидат казнети со парична казна до 50.000 евра, а повторените прекршувања може да резултираат со запленување на бродот.
– Резултатите од неконтролираната имиграција се експлоатација, принудна работа и нелегална работа, рече Никола Молтени, потсекретар во Министерството за внатрешни работи.
-Ако не се контролира, имиграцијата создава џебови на нелегални активности и криминал и создава чувство на социјална несигурност, истакна Молтени.
Според владините податоци, 12.667 илегални имигранти влегле во Италија во првите два месеци од 2023 година, наспроти 5.273 во истиот период минатата година. Најмалку 157 мигранти се водат како исчезнати.
Пронајдете не на следниве мрежи: