Врховниот суд го одби како неосновано барањето за вонредно преиспитување на правосилната пресуда на Стојанче Јовановски, осуден на единствена казна од 12 години затвор за телесна повреда, загрозување на сигурноста и наведување на самоубиство и помагање во самоубиство. Станува збор за предметот поврзан со семејното насилство врз неговата сопруга Ивана и трагедијата во која животот го загубија таа и нивната шестгодишна ќерка Катја.
Советот на Врховниот суд одлучувал на седница одржана на 21 октомври, постапувајќи по предметот КВП2-101/26. Барањето го поднел осудениот преку своите бранители, против првостепената пресуда на Основниот кривичен суд Скопје и пресудата на скопска Апелација.
Иако во соопштението на Врховниот суд не е наведено името на осудениот, броевите и датумите на двете пресуди целосно се совпаѓаат со претходно објавените податоци за предметот против Јовановски.
Основниот кривичен суд Скопје ја донесе пресудата К.бр.551/26 на 7 мај 2026 година. Апелациониот суд Скопје, постапувајќи по предметот КЖ-549/26, на 18 јуни ја одби како неоснована жалбата на Јовановски и ја потврди првостепената пресуда.
Со одлуката на Врховниот суд, изречената единствена казна од 12 години затвор останува во сила.
Јовановски е правосилно осуден за телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1, загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со ставовите 2 и 1 и наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик.
Предметот се однесува на насилството врз Ивана што ѝ претходело на трагедијата од 2 март годинава во скопската населба Тафталиџе, во која починаа мајката и нејзината малолетна ќерка.
Врховниот суд најави дека пресудата ќе биде објавена на неговата веб-страница, согласно Законот за управување со движењето на предметите во судовите. Во соопштението не се изнесени деталните причини поради кои е одбиено барањето на одбраната.



