Поранешниот премиер Никола Груевски во обава на социјалните мрежи ја честита новата 2026 година. Во продолжение неговата објава.
Новата година обично ни донесува чувство за нов почеток – нови очекувања, нови цели и желби.
Многу луѓе во новата 2026 година гледаат реална надеж дека тоа ќе биде најдобрата година – дека разумот ќе надвладее, љубовта ќе победи, а напредокот на економијата, науката и благосостојбата ќе бидат огромни. Други пак очекуваат тешка и агонична година, особено во Европа.
И сепак, дури и ако светот навистина доживува политички и економски турбуленции, тоа не значи дека секој поединец во Македонија и насекаде не може да си ја пронајде својата среќа во својот живот и секојдневие, во својот дом, на своето работно место, во својата мисија, со своите сегашни или идни пријатели, со својата сегашна или идна љубов.
Во овој несигурен и возбудлив свет, секој човек си има свој микросвет. Свои индивидуални предизвици и стравови. Свои цели, успеси и неуспеси. Свои мечти и фантазии. Своја љубов, грижи за здравјето – вашето и на најблиските. Свој светоглед на светот околу нас.
Ви посакувам на секој од вас, каква и да е 2026 година во светот или во Европа, да ја најдете својата среќа во својот дом и во своето семејство, ако го немате – да го создадете, или да го отворите патот кон тоа.
Вашите грижи за вашето здравје и на најблиските, да завршат со насмевка.
Да ги постигнете вашите посакувани цели и успеси во она каде вие лично сте посветени.
Да ги надминете своите предизвици и препреки, да ги остварите барем дел од вашите најголеми мечти. И да бидете среќни со вашата љубов – или ако сеуште не сте ја пронашле, да ја откриете.
Сите ние имаме желби кои често ни личат толку неостварливи што сметаме дека се само фантазии. И барем по една таква фантазија, која сега ви изгледа толку неостварлива што дури ви е непријатно да ја споделите, а таму некаде длабоко во вас е сокриена и тивко и скриено чека, со Божја помош да ви се оствари и да стане дел од вашата “неверојатна” реалност.
Македонија да си го најде својот пат – напред и нагоре!
Среќна нова 2026 година!



