И попладнево протестен марш во Кочани

Неколку стотици жители на Кочани вчера продолжија со мирни протести во форма на протестен марш побарувајќи разјаснување и правда за обезбедувањето на дискотеката „Пулс“, кои се притворени по пожарот во кој животите ги загубија 60 млади лица. Во маршот учествуваа и блиски на жртвите и повредените, минувајќи низ централните улици на градот во тишина. Организаторите на протестот поставуваат прашања за досегашните заклучоци на властите во однос на вината на обезбедувањето, кои како што велат сведоштва, таа вечер спасиле бројни животи. За утредента е најавен и „Марш за анѓелите“ во кој роднините на загинатите ќе бараат правда за своите мили. Протестниот марш ќе стартува од Градски парк, преминувајќи покрај Трговскиот центар, зградата на Општина Кочани, ќе помине покрај полициската станица и ќе заврши пред судот и обвинителството во Кочани. „Известуваме дека маршот е исклучиво организиран од семејствата на загинатите во пожарот, и не претставува поддршка за обезбедувањето. Потенцираме на сите учесници строго да ги почитуваат овие рамки и да се приклучат само ако ги разбираат и прифаќаат условите под кои е организиран“, изјавија организаторите. Тие исто така напоменаа дека настанот ќе се снима со цел јавноста да биде информирана за нивната посветеност кон борбата за правдата на нивните деца и дека тие немаат намера да прекинат со своите активности.

Пронајдете не на следниве мрежи: