Каква е таа љубов која не прави да се смееш и радуваш?

Секогаш сум била заљубена. Во некое момче. Понекогаш се погодуваа и кретени. Можеби ова веќе го имам кажано. Можеби и некои други жени го кажале. Можеби и вие сте си зборувале самите на себе, но дали сте се слушале?
Да не драмам премногу, ама мојот живот никогаш не бил некаква бајка. И покрај тоа сум била сакана и среќна. Секогаш сум го имала она што сум го сакала (во нормални граници) и така беше додека бев дете, а потоа и девојка. Па и сега ме сакаат и ме разгалуваат. Секогаш сум била неверојатно романтична. Се заљубував и во прошетки покрај река. Се заљубував во момчињата кои ќе ми ја нагрнеа јакната кога ќе видеа дека ми е ладно. Во момчињата кои памтеа ситници кои ми се важни. Во оние кои знаеја нежно да зборуваат. За оние кои ме бакнуваа во коса. Би ве лажела кога би ви кажала дека не сум се заљубила и повеќе отколку што е нормално. И секоја симпатија беше сосема различна.


Она што никогаш не можев да го разберам и прифатам е кога тој симпатичен дечко ќе посакаше да ме контролира и да управува со мене или со моето време. Не постоеше романтичен гест за кој би ја жртвувала својата слобода, ниту пак би ја жртвувала слободата за некој маж кој ќе ги кажува што треба да правам и како да се однесувам. За жал, многу често слушам за ова и многу е присутно и денес, кога веќе сите сме возрасни и (навидум) зрели луѓе.
Јас никогаш не бев онаа девојка која некому кажувала: „Немој да одиш таму“, „Не гледај“, „Немој ова, немој она“. Никогаш не бев љубоморна на другарките на дечковците. Никогаш не сакав некој да ми кажува што треба да правам, освен ако самата не побарав совет. Моите родители кои цел живот ме сакаа, галеа, внимаваа на мене, оние кои ме школуваа и финансираа – тие никогаш не ме условувале како да се однесувам. Тие ме воспитуваа и ме воспитаа. И никогаш не би си дозволила некој маж да ме превоспитува. Да ме дефинира. Да ми кажува како да се облекувам, со кого да пијам кафе, како да се смеам и како да ја носам косата. Никогаш не сум се менувала за да се допаднам на дечко. Никогаш не сум глумела.
Некои мажи чувствуваат потреба да те поседуваат. Да те контролираат. А тоа најлесно ќе го направат со тоа што ќе те дефинираат, обликуваат… А ние, жени ко жени, емотивни и заљубени, лесно попуштаме под притисокот. Многу лесно се откажуваме од своето за да бидеме подобри за некој друг.
Забораваме на другарките. Ги избегнуваме машките другари затоа што тоа не го прават фините девојки. Го менуваме стилот на облекување затоа што тој мисли дека е непристоен. Не е пристојно да танцуваш, да излегуваш, да се радуваш. Не е пристојно да се смееш гласно на улица. Да зборуваш дека си имала и други љубови. Не дај Боже да зборуваш за секс, пу, пу, пу! Не смее да те гледаат други мажи. Не смееш да привлекуваш внимание.
Кога вака ќе набројам, ова сѐ ви звучи глупаво, зарем не? Па и преглупаво е! Зошто жените ширум светот си го дозволуваат тоа? Да, да, знам, заради љубов.
Но, каква е таа љубов која не ти дозволува да бидеш она што си? Каква е таа љубов која сака да те ограничи и да се омаловажува?


Каква е таа љубов која не прави да се развиваш, да се смееш, да се радуваш? Да бидеш убава и за себеси и за светот?
Каква е таа љубов која би се сомневала во секој другар?
Дали е тоа љубов или затвор?
Дали си заљубена или заробена? Заробена во неговите очекувања околу тоа каква треба да бидеш?
Немој. Не треба така.
Оној кој те сака никогаш не би сакал да бидеш некоја друга. Оној кој те засакал таква будалеста, бушава и малку смотана, никогаш нема да посака да бидеш друга девојка. Оној кој сака да те промени, тој никогаш и не те ни сакал. Не умеел да те сака.
Немој да бидеш слика каква што тој сака да бидеш. Не биди ничија креација освен сопствена. За ниту една љубов на светот. Тоа си го должиш себеси, затоа што тоа е единствениот начин да се сакаш себеси.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.