Украина минува низ една од најтешките зими во поновата историја. Русија ја напаѓа нејзината енергетска инфраструктура, и тоа кога температурите на воздухот паѓаат на -15 степени Целзиусови. Резултатот е дека милион луѓе се без греење.
Киев е главната цел на овие напади. Имено, по последното руско бомбардирање во ноќта на 24 јануари, речиси шест илјади станбени згради немаат греење, тврди градоначалникот на Киев Виталиј Кличко. Ова е трет ваков напад врз Киев за две недели, кога стотици илјади луѓе смрзнуваа во своите домови.
Она што ја прави ситуацијата посложена е тоа што станбените згради имаат централно греење, што значи дека топлинската енергија во форма на вода се произведува на друга локација, а потоа се доставува до тие згради. Тие електрани во Украина се огромни. Покрај тоа што овие напади ја спречуваат испораката на топлинска енергија, загрозено е и снабдувањето со електрична енергија.
Украинскиот експерт за енергетика Јуриј Королчук изјави дека пред руската агресија, 11 милиони домаќинства се потпирале на централно греење, додека седум милиони домаќинства имале автономен систем за греење.
Градовите во поранешниот Советски Сојуз во 1950-тите беа места на големи градежни проекти, што значеше масовна изградба на евтини станбени единици.
Пејзажите на овие градови се претежно составени од деветкатници изградени од бетонски панели, поради што се познати како „панелка“, и петкатници познати како „Хрушчовка“, именувани по советскиот лидер Никита Хрушчов, кој ја надгледувал нивната изградба.
Греењето во овие згради се обезбедува од големи енергетски централи, познати како ТЕТ, што е украински акроним за топлинска и електрична централа, бидејќи тие произведуваат топлина и електрична енергија истовремено.
Королчук истакна дека Украина го наследила советскиот систем за греење и не го променила, што значи дека тој останал претежно централизиран. Следствено, како што забележал, нивната ранливост излегла на виделина за време на војната.
Затоа владата има намера да воведе индивидуални грејни единици во станбените згради, но нема да биде лесно да се поништи советското урбанистичко планирање, пишува Би-Би-Си.
The post Како советското урбанистичко планирање ѝ помогна на Русија да ја „замрзне“ Украина appeared first on Во Центар.



