Како ќе знаеме дали хотелот е „чист“ после пандемијата на корона вирусот?

Иако поголем дел од светот е сѐ уште во карантин заради корона вирусот, хотелскиот менаџмент е во подготовка за враќање на работа.
Еден од најголемите предизвици ќе биде да се врати довербата на гостите со тоа што ќе гарантираат дека нивните сместувачки капацитети се сигурни и чисти за користење.


Пред пандемијата сигурно не ви паднало на памет кој сè спиел во собата пред вас, кој го допирал далечинскиот управувач од телевизорот, климата и дали се дезинфицирани соодветно, сте верувале дека е доволно исчистено. Но, сега сме сигурни дека сето ова ќе изгледа поинаку.
Сингапурската туристичка канцеларија воведе инцијативата наречена SG Clean која вклучува 7 критериуми за безбедност и чистота, а кои ќе треба да ги исполнуваат сите хотели за да добијат сертификат за работа.


Само оние хотели кои ќе се придржуваат до строгите правила за хигиена и сигурносни протоколи, ќе добијат зелено светло од SG Clean.
Малезија, исто така, почна да имплементира слична програма наречена Clean&Safe Malаysia, а која вклучува посебен надзор за хигиената во хотелите. Надзорот го прават трети лица кои немаат никаква поврзаност со хотелите и вработените.


Туристичките експерти се согласуваат дека ќе бидат потребни големи промени во хотелиерството.
Превенцијата на заразата ќе мора да се прави уште при влегување во хотелите каде е пожелно да има врати со сензори за автоматско отворање без да се допираат кваките. Многу од хотелите поставија и портири со заштитна опрема кои ќе ја отвораат вратата на гостите и ќе им нудат средство за дезинфекција.
Маските и заштитните ракавици веројатно ќе станат стандарден дел од униформата на хотелските работници, додека шишенца со средства за дезинфекција ќе има на секој агол низ хотелите. Просториите ќе се бришат со средство за дезинфекција после секој гостин – од справите за вежбање до столиците во рестораните.
Хотелите би можеле и да ја мерат температурата на гостите при влез во хотелот. Повеќе внимание ќе се насочи на бесконтактно работење.
Се очекува пораст на онлајн услугите за чекирање на собите, користење дигитални клучеви, мобилно плаќање и сл.
Некои хотели планираат да вклучат и напредна технологија во своето работење како ултравиолетово светло за елиминирање на бактериите, вирусите и други микроорганизми во собите.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.