Научниците откриле дека само 11 минути повеќе сон секоја ноќ, заедно со подобра исхрана и малку повеќе вежбање, можат да помогнат во спречувањето на срцева слабост, срцеви удари и мозочни удари. Ова мало зголемување на ноќниот одмор, во комбинација со дополнителни 4,5 минути умерена до енергична физичка активност и четвртина чаша повеќе зеленчук дневно, е поврзано со значително намалување на ризикот од кардиоваскуларни настани, според студија објавена во Европскиот журнал за превентивна кардиологија.
Мали промени, големо влијание
Студијата анализирала податоци од повеќе од 53.000 луѓе, собрани во текот на осум години. Учесниците носеле уреди за следење на активностите, а резултатите покажале дека оние кои постепено воведувале промени во исхраната, вежбањето и спиењето имале 10 проценти помал ризик од срцева слабост, срцев удар и мозочен удар.
Клучот е во комбинацијата на навики
„Покажавме дека комбинацијата од мали промени во неколку области од животот може да има изненадувачки голем и позитивен ефект врз кардиоваскуларното здравје. Ова е многу охрабрувачка вест бидејќи за повеќето луѓе веројатно е полесно и поодржливо на долг рок да воведат неколку мали промени одеднаш отколку да се обидат да направат голема промена само во една навика“, рече д-р Николас Кемел, главен автор на студијата и научник на Универзитетот во Сиднеј.
Како што истакнува д-р Кемел, комбинираниот ефект од овие позитивни промени во однесувањето има најголемо влијание врз здравјето, дури и кога самите промени се мали.
„Дури и скромните промени во дневната рутина веројатно ќе бидат од корист за кардиоваскуларниот систем и ќе го отворат патот за дополнителни долгорочни придобивки“, рече тој.
,,Би ги охрабрил луѓето да не ја потценуваат важноста на една или две мали промени во нивниот секојдневен живот, без разлика колку незначителни може да изгледаат.“
Потребни се дополнителни истражувања.
Иако резултатите се охрабрувачки, авторите на студијата предупредија дека „не може дефинитивно да се потврди причинско-последичната врска помеѓу животните навики и кардиоваскуларниот ризик“ и дека се потребни дополнителни истражувања за да се потврдат овие наоди.
The post Како 11 минути сон дневно го намалува ризикот од срцев удар и мозочен удар appeared first on Во Центар.



