Ковидот пак ги наполни болниците, редици пред амбулантите

Болниците забрзано се полнат со ковид-пациенти, притисок на нови заболени има во речиси секој град. По неколку месечното затишје, ситуацијата со опасниот вирус е повторно алармантна. Бројот на заразени и починати е најголем од почетокот на годинава. Последното деноноќие 22 лица ја загубија битката со Ковид-19, од кои најголемиот дел се од Скопје. Во главниот град има и најголем број на новозаразени. Од 872 нови случаи, дури 459 се откриени во Скопје. Вирусот зема замав и во Кавадарци (35), во Прилеп (51), како и во Куманово, Битола и Охрид, каде има по 33 нови случаи. Вкупниот број на заболени од почетокот на пандемијата се искачи на 108.350. Вкупната бројка на смртни случаи, пак, порасна на 3.228 лица. Во моментов во С. Македонија има 9.300 активни случаи на коронавирус. Во последните 24 часа оздравеле 412 пациенти, додека од почетокот на пандемијата 95.822 лица го победиле опасниот вирус.
Редици пред ковид-амбулантите
Брзата помош е преоптоварена со повици. Само во еден ден има над 120 интервенции од кои дури 60 проценти се поврзани со ковид-пациенти. И ковид амбулантите во Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември“ во Скопје се преполни со пациенти кои чекаат со часови да бидат прегледани.


Брзата помош е преоптоварена со повици, пред амбулантите се чека ред за преглед
Зголемен е и притисокот на Инфективната клиника во Скопје, каде помош бараат пациенти на кои им е влошена клиничката слика и имаат потреба од дополнителни испитувања.
„Велат дека голем број од смртните случаи предизвикани од Ковид-19 се поради тоа што пациентите доцна се јавуваат на лекар. Па како да се јавиме навреме кога е вистински хаос. Со влошена клиничка слика, со висока температура, треска и премаленост со саати чекаме најпрво надвор на отворено, па потоа и внатре за преглед“, вели пациент за „Сакамдакажам“ кој вчера побарал лекарска помош во ГОБ „8 Септември“.
Според Министерството за здравство, во ГОБ „8 Септември“ има вкупно 80 пациенти, а на Клиниката за инфективни болести 125, додека во Институтот за белодробни заболувања кај деца Козле има 26 пациенти. На ГАК има 5 хоспитализирани ковид-позитивни пациентки. Вкупната бројка на пациенти позитивни и сомнителни на коронавирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјата е 899. Надлежните тврдат дека има околу 330 празни болнички кревети во ковид-центрите.
Во ковид-центрите низ земјата има вкупно 546 пациенти
Во изминатите 24 часа во ковид-центрите во Скопје се хоспитализирани 43 нови пациенти поради компликации од коронавирусот, или вкупно 353 лица се на лекување на инфективните оддели во главниот град. Во ковид-центрите низ земјата има вкупно 546 пациенти. Институтот за јавно здравје неодамна регистрираше зголемување на бројот на заразени за дури 56,4 проценти во споредба со претходниот период.
-повеќе на темата: Полициски час од утре до 22 март
Од утре во 22 часот стапува на сила полициски час во С. Македонија со цел сузбивање на ширењето на Ковид- 19. Мерката ќе биде на сила до 22 март. Засега не се размислува за построги мерки во учиштата, бидејќи состојбата е стабилна и не се зголемува бројот на заболени. Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски вели дека е подобро пократко време да има рестриктивни мерки, отколку земјата да се соочи со целосно оптоварување на здравствениот систем.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.