Колку што знам, никој од нас не бара да смениме Устав и да не се нарекуваме Македонска црква

Ние секогаш ќе си бидеме Македонска православна црква, кој како сака нека нѐ ословува. Значи, не се бара од нас, бараме, колку што сум информиран јас, да направиме промена на Устав и да го промениме ние нашето име, туку само во меѓусебните релации да го користиме, кога се обраќаме до Цариградската патријаршија, да се обраќаме како Охридска архиепископија – вели митрополитот европски на МПЦ-ОА

Митрополитот европски на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА), г. Пимен, смета дека условите поставени од Вселенската патријаршија за добивање томос за автокефалност не се толку големи за да не може да се најде решение.

Митрополитот европски на МПЦ-ОА, г. Пимен / Фото: Принтскрин

Оваа генерална оценка и другите ставови што владиката Пимен ги кажа во интервју за ТВ Сител, се во спротивност со неодамнешната оценка на поглаварот на МПЦ-ОА, архиепископот г.г. Стефан, кој рече дека условите што ги поставува Цариградската патријаршија за да ѝ додели томос за автокефалност на Македонската православна црква се неприфатливи.  

Според поглаварот Стефан, станува збор за три услови кои се однесуваат на името на нашата црква, отстапување на дијаспората и признавање на Украинската православна црква од страна на МПЦ-ОА. 

Владиката Пимен смета дека тоа не се прашања што не може да се надминат низ разговори.  

„Да, тие три услови постојат уште од моментот кога почнавме да ги затоплуваме односите и веќе да имаме еден понепосреден однос со Цариградската патријаршија. Тие беа трите услови – околу употребата на името, околу решевањето на прашањето со дијаспората, но и сослужувањето со Украинската црква. Не се толку тешки тие работи, дека не можат да се надминат. Со разговори мислам дека можеме да дојдеме до надминување на сите тие три услови“,

вели митрополитот европски. 

Г. Пимен вели дека, колку што знае, од нашата црква не се бара да го промени сопствениот устав и да не се нарекува Македонска црква.

„И навистина не смееме да ја изгубиме таа придавка од нашето име. Ние секогаш ќе си бидеме Македонска православна црква, кој како сака нека нѐ ословува. Значи не се бара од нас, бараме, колку што сум информиран јас, да направиме промена на Устав и да го промениме ние нашето име, туку само во меѓусебните релации да го користиме, кога се обраќаме до Цариградскта патријаршија, да се обраќаме како Охридска архиепископија“,

вели владиката.

Дополнително, вели тој, Охридската архиепископија носи историја и наследство од 11 века.

Во однос на прашањето за дијаспората, тој вели дека за нас е неприфатливо некој да ги бара нашите имоти таму, но дообјаснува дека тоа Вселенската патријаршија и не го бара.

„Што значи отстапување на дијаспората? Вселенската патријаршија, можеби, се раководи од она што им го даде Украинската православна црква при признавањето. Но, тие се во поинаква ситуација. Украинската православна црква нема имоти надвор, затоа што немаат стара емиграција, многу и не се организирани по светот и можеби нив им оди во прилог некој друг да им даде објект, некој друг да ги прифати сите оние раселени лица коишто последниве години се раширени насекаде по светот и дека можеби е добро за нив некој да им го бере и тоа гајле, да им даде готов објект. Но, за нас е неприфатливо некој да ги побара нашите имоти, затоа што е едноставно невозможно сите оние вложувања на нашиот народ сите овие години наназад, скоро еден век како нѐ има Македонците во дијаспората и како сме организирани со градење и преуредување на цркви, сето тоа да му се даде некому на тацна, тоа е незамисливо и неприфатливо. Ниту една црква не го дала тоа. И затоа беше тука како она дообјаснување што го даде архиепископот дека доколку сите други цркви би прифатиле да ја отстапиме на Цариградската патријаршија дијаспората, тогаш и ние би се вклучиле во тоа. Но, не е до толку страшно прашањето, затоа што не се бара отстапување на имотот, само да се најде некој начин како би им се признала нивната чест во православниот свет на прво место. И верувам дека ќе седнеме понатаму и ќе го решиме сето тоа и ќе се надмине“,

рече митрополитот европски. 

Прашан зошто МПЦ-ОА има толку ригиден став во однос на прашањето за признавање на Укринската правослвана црква, владиката Пимен вели дека не знае и оти и нему му е несфатливо зошто нашиот став би бил таков. 

„Можеби сето она што се случува во светот во моментот, сочувствување можеби со Руската црква. Инаку, и мене ми е несфатливо зошто би имале толку ригиден став. Признавањето на Украинската православна црква доаѓа од истиот извор од којшто дојде и признавањето на нашата црква. Тогаш зошто ние би правеле комисии кои би ја испитувале можноста, правилноста дали е тоа валидна одлука“,  

вели владиката.

Поглаварот на МПЦ-ОА, г.г. Стефан / Фото: Архива

Инаку, на почетокот на разговорот тој, одговарајќи на прашање, се осврна на статусот кој сега го има МПЦ-ОА во православниот свет по томосот што го доби од Српската православна црква. 

„Препорката од Вселенската патријаршија тогаш беше Српската православна црква да изготви едно писмо кое ќе е препорака, по нивниот пример, сите да го прифатат нашиот автокефален статус и постоењето како независна автокефална Македонска православна црква во православниот свет. Српската црква таа препорака за прифаќање во православниот свет ја нарече и томос и ние го имаме веќе тој томос според кој се декларираме како автокефална Македонска православна црква, користејќи го и името Македонска православна црква, но и името Охридска архиепископиј“,

вели отец Пимен. 

Сепак, според него, во православниот свет вековна традиција е конечното признавање да дојде од Веселенската патријаршија. Тој верува дека „ние никогаш нема целосно да ги затвориме вратите“ и дека ќе останеме посветени на разрешувањето на, како што ги нарече, оние ситни прашања меѓу МПЦ-ОА и Вселенската патријаршија, „коишто некому изгледаат дека се крупни чекори, чекори на сопнување кои не оддалечуваат од конечната цел“. 

„Но, јас барем колку што сум запознаен, Синодот (на МПЦ-ОА) работи во скратен состав, можеби ми фали некоја информација, не сум навремено известен, но наскоро ќе имаме пленарна седница на Синодот, верувам дека ако има некои нови ситуации ќе бидеме известени околу сето тоа“,

вели тој. 

Прашан зошто изјавата на архиепископот Стефан дошла токму во овој момент, владиката Пимен рече дека можеби има некој момент за кој не е известен, затоа што не се вратил во Македонија. 

„Повторно ќе речам, зошто изјавата била во овој момент? Можеби има некој момент за кој не сум информиран затоа што не сум се вратил во Македонија да се сретнам со моите колеги да поразговараме околу тоа прашање, но да веруваме дека нема нови услови и дека ќе најдеме сили меѓу нас да се договориме и да останеме посветени на оној пат да дојдеме до конечно признавање од Вселенската патријаршија“,

вели митрополитот европски. 

Инаку, отец Пимен денеска заедно со митрополитот дебарско-кичевски Тимотеј го водеше молебенот, односно кратката богослужба на гробот на Свети Кирил во црквата Свети Климент во Рим, по повод одбележувањето на 24 Мај – Денот на сесловенските просветители светите браќа Кирил и Методиј.  

Пронајдете не на следниве мрежи: