Според информации кои циркулираат во јавноста и на социјалните мрежи, во Општина Сарај наводно дошло до сериозен конфликт меѓу Рубин Нуредини, син на Хазби Нуредини, бизнисмен и познат поддржувач на коалицијата ВЛЕН во Сарај и Насер Мухареми, шеф на кабинет на градоначалникот на Општина Сарај.
Извори на Инфомакс тврдат дека настанот се случил поради тензии поврзани со начинот на управување со државно земјиште на територијата на општината, како и несогласувања околу кадровски решенија во државните институции. Овие информации засега не се потврдени.
Граѓани и активисти веќе реагираат дека ваквите случувања се симптом на подлабок проблем во управувањето со општината, укажувајќи на можни политички влијанија, клиентелизам и нетранспарентно располагање со јавни ресурси. Според неофицијалните информации на Инфомакс во целата расправија било извадено и огнено оружје, при што едното лице упатило закани по животот на другото лице.
Официјална реакција до овој момент нема ниту од Општина Сарај, ниту од вклучените лица. Инфомакс побара информации од Министерството за внатрешни работи во врска со настанот, дали истиот е пријавен. Одговор до овој момент немаме добиено.



