Костадиновска-Стојчевска: Останувам на зборот за изнаоѓање трајно просторно решение за Оркестарот за џез

„По вчерашната одлука на Владата за времено сместување на новоформираната НУ „Оркестар за џез музика“ во просториите на НУ Национална Филхармонија, закажав состанок со вработените во Филхармонија за да продолжиме со разговорот за изнаоѓање заедничко решение, но од Синдикатот немале желба да разговараат со мене“, напиша денеска на својот Фејсбук профил министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.

Таа напомена дека останува на зборот да ја исполни обврската за изнаоѓање трајно просторно решение за Оркестарот за џез, но, како што потенцира, не на перфиден и на подмолен начин со полувистини и со закани.

„Јас отидов на најавениот состанок во Филхармонија, но како што ми беше пренесено, од Синдикатот немале желба да разговараат со мене. Останувам на зборот дека ќе ја исполниме обврската да изнајдеме трајно просторно решение за Оркестарот за џез, но не на перфиден и на подмолен начин со полувистини и со закани. Како министерка за култура, но пред сè како човек, не можам да дозволам, а уште помалку да го разберам ова ниво на некултура, особено не на дел од уметниците, кои до пред некоја година беа добредојдени во неколку институции од културата додека да го добијат заслужениот дом“, пишува министерката на Фејсбук.

Директорката на Филхармонија, Тина Иванова денеска на прес-конференција посочи дека не го поддржуваат сместувањето на новоформираната национална установа „Оркестар за џез музика“ во објектот на Филхармонија, бидејќи „се создаваат услови за едни на сметка на нарушени услови на други“.

Од Синдикатот на Филхармонија одбиваат средба со министерката, доколку не бидат исполнети нивните барања да се најде друго просторно решение за Џез оркестарот. Тие најавија јавни протести доколку не се промени одлуката веќе на наредната владина седница.

Пронајдете не на следниве мрежи: