Во однос на случајот со наводи за извршени непотребни операции на срце на пациенти, обвинителот Коцевски во Дневникот на ТВ Сител изјави дека се уште нема посебни информации освен оние што ги објавуваат медиумите. Рече дека чекаат одлука од Комисијата за тој случај и таа да им достави целосна документација за, како што рече, „евентуално да постапиме и да дадеме одредени упатства за преземање дејствија“.
Во однос на случувањата со ИПАРД тој истакна дека се уште не се знае дали ќе има проширување на осомничени за злоупотреби во Платежната агенција за земјоделство. Во моментов се истражуваат телефоните, во притвор се неколкумина, еден во домашен.
-Постапката мора да биде брза имајќи предвид дека се работи за притворенички предмет. Но, се зависи од добивање на доказите односно обезбедување цврсти и сигурни докази, додаде државниот јавен обвинител во интервјуто за ТВ Сител.
Прашан за започнатиот процес за случајот со дискотеката ПУЛС и КОчани Коцевски дециден:
Очекуваме транспарентна постапка, динамиката на судење ја определува судот. Од наша страна се исполнети сите услови, ангажирав дополнително уште неколку обвинители за да не се одолговлекува постапката од ЈО, изјави државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски .
Во интервју во Дневникот на ТВ Сител, државниот јавен обвинител додаде дека не верува оти ќе биде долг периодот до првостепената одлука затоа што има определени рокови.
Според него, погрешно било гледањето дека Обвинителството оставило простор за одолговлекување на постапката бидејќи, рече, се работи за 35 обвинети кои мора да бидат опфатени во истиот предмет. Размислувале дали овој предмет можел да се подели по институции, по периоди, дали ОЈО можело да направи друга евентуална распределба зашто во почетокот имаше 48 осомничени.
-Меѓутоа се подигна обвинение само за 35 физички и три правни лица што значи дека бројот на обвинети не е голем. Во спротивно, доколку би се раздвоила постапката, тогаш има законска можност едните обвинети да бидат сведоци во друга постапка. Се работи за исти докази кои би се повторувале во двете постапки и тоа би довело до поголемо одолговлекување на постапката. Затоа тимот на јавни обвинители одлучија да се води една постапка против сите обвинети и сметам тоа е најцелисходно решение, рече Коцевски.
Прашан за мислење за иницијативите на пратениците за анкетна комисија во Собранието за трагедијата во „Пулс“, Коцевски порача „политиката да ги тргне рацете од оваа постапка затоа што се води судска постапка“. Лично мисли, рече, дека тоа не би било целисходно и потребно во овој момент, а по судската постапка може да се формира таква комисија за да се бара политичка одговорност.


