Коцевски: Не бараме повеќе пари за повисоки плати, туку за останати потреби на Обвинителството

Не бараме повеќе пари за повисоки плати, туку за останатите потреби и трошоци на Јавното обвинителство, вели државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски во интервју за „360 степени“.
Коцевски вели дека се потребни пари за вештачења кои не можат однапред да предвидат колку би чинеле, а и Обвинителството има потреба од нови вработувања затоа што во моментот нема кој да направи завршна сметка, а дефицитарни се и информатичарите.
Како пример посочува предмет поврзан со загрозување на животната средина во кој за вештачење на една тегла со земен примерок од мазут се потребни околу 1.500 евра.
– Еве, имаме предмет околу загрозување на животната средина. Се работи за предмет за мазут во кој се земени околу 300 примероци од сите цистерни, од секоја посебна цистерна, како примерок за вештачење. И сега, една тегла чини отприлика околу 1.500 евра. Ние ништо не злоупотребуваме или работиме надвор од законот. Зедовме само десетина примероци по случаен избор и ги пративме на вештачење во соседна земја затоа што овде таква лабораторија и такво вештачење нема. Доколку тие покажат дека навистина има потреба и од другите, затоа што за да имаш докази, треба секој примерок да се вештапи, тоа се отрплика околу 450 илјади евра. Овие пари, ние не сме некоја фабрика за да ги предвидиме за следната година, вели Коцевски.

Вели дека законски предвидените средства за Јавното обвинителство изнесуваат 0,4 проценти од државниот буџет, а не од Бруто домашниот производ како што тврди премиерот Христијан Мицкоски.
– Во моментот во јавноста се пласираат две тези. Едната е дека согласно сегашниот закон, а и законот што треба да се донесе, Законот за јавно обвинителство предвидува 0,4 проценти од буџетот да се одвојат за Јавното обвинителство. Меѓутоа, она што премиерот го кажува, тој зборува за Бруто домашниот производ. Значи тоа не е исто. Дополнително, до тие 0,4 проценти од буџетот, ни се одвојуваат само 0,2 проценти. Тоа не е само оваа година, односно наредната и минатата, туку откако е донесен закнот. Значи никогаш досега од државата не се одвојувало толку колку што предвидува законот, вели Коцевски.
Коцевски не верува дека неговото евентуално заминување или разрешување од функцијата ќе придонесе да се зголеми буџетот на Обвинителството. Изјавите за негова смена, ги смета за политички мотивирани.
– Не верувам дека јас сум единствената пречка за буџетот да се зголеми. Не глeдам некоја поврзаност на моето заминување со буџетот затоа што тоа се пари што треба да се дадат на Јавното обвинитество, вели Коцевски.
Во однос на изјавите од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски дека МВР поднесува кривични пријави, а Јавното обвинителство селективно постапува по нив, Коцевски вели дека согласно неговите информации, Јавното обвинителство воопшто не постапува селективно, а доказ за тоа е и последниот предмет за Кочани, каде тие работеле по кривични пријави на МВР. Коцевски посочува дека МВР има поднесено околу 14 000 пријави и дека тој прилив е решен од Јавното обвинителство.
За истрагата во која е осомничен поранешниот прв вицепремиер Артан Груби, Коцевски открива дека истрагата е речиси завршена и дека се чека на неговата екстрадиција. Доказите се собрани, има и финансиска истрага, но нема информација каде е Груби бидејќи тоа не е надлежност на Обвинителството, вели Коцевски.

Пронајдете не на следниве мрежи: